Билтен

45
Фото: Игор Бансколиев

Неготинец уапсен поради шверц на мигранти

Во близината на раскрсница кај селото Црвени Брегови на регионалниот пат Неготино – Градско од полициски службеници од Полициската станица во Михајлово бил лишен од слобода А.Ј. (30) од Неготино, кој управувал патничко моторно возило „фолксваген венто“ без регистарски ознаки, бидејќи во возилото превезувал мигранти. При неговото запирање биле пронајдени три лица, мигранти од Бангладеш. За настанот е известен јавен обвинител и по негови насоки мигрантите се сместени во ПТЦ-Винојуг Гевгелија, додека пријавениот е предаден на полициски службеници од Полициската станица во Неготино и против него ќе биде поднесена кривична пријава поради основано сомнение за сторено кривично дело „шверцување мигранти“.

Малолетник исчезнал во Преспанско Езеро

Во Полициската станица во Ресен од итна медицинска помош било пријавено дека во туристичката населба Претор, во водите на Преспанско Езеро исчезнал 16-годишен малолетник од Ресен. Неговото тело не беше пронајдено до вчерашниот ден, иако задолжени служби трагаат по него.

Паднала од мотоцикл и добила тешки телесни повреди во Ресен

На крстосница од ул. 9 и ул. 10 во Ресен, В.М. (23) од Ресен управувајќи мотоцикл „јуинг“ со скопски регистарски ознаки изгубила контрола над мотоциклот и паднала. В.М. добила тешка телесна повреда констатирана од доктор во Клиничката болница во Битола. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР-Битола.

Изгореа десет хектари дабова шума во Плетвар

Во Полициската станица во Битола било пријавено дека во близината на каменолом на превојот Плетвар настанал пожар при што биле опожарени околу десет хектари дабова шума. На местото на настанот излегле екипи од шумското стопанство и противпожарната единица од Битола.

Нападнат вработен во комплексот клиники „Мајка Тереза“

Четириесетгодишниот Н.Б. од Скопје пријавил дека додека бил на своето работно место во комплексот клиники Мајка Тереза по претходно недоразбирање и расправија бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.