Билтен

87
Фото: Игор Бансколиев

Во Скопје шестмина фатени како возат без дозволи

Полицијата на подрачјето на Скопје затекнала тројца како управувале со нерегистрирани возила, а шестмина управувале возила пред да добијат возачки дозволи. Исто така, на 29 јуни еден возач е казнет бидејќи поминал на црвено светло, а 48 возила се подигнати со пајак.

Земјоделец ископал граната во Меџитлија

Жител на селото Меџитлија, Битолско, додека вршел земјоделски работи пронашол неексплодирана граната. Четириесетгодишниот Б.Б. во понеделникот, во 10.56 часот, во полициското одделение Велушина, пријавил дека на влезот на гробиштата во селото Меџитлија ја пронашол гранатата. Полицијата веднаш се нашла на местото на настанот, заедно со пиротехничар од ДЗС, кој утврдил дека станува збор за артилериска граната 75 милиметри од Првата светска војна.

Мотоциклист прегази петгодишно дете во селото Банско

Девојче на возраст од пет години од селото Банско, Струмичко, добило тешки телесни повреди откако во него удрил моторциклист. Настанот се случил во понеделникот. Во 20.30 часот било пријавено дека во селото Банско, мотоцикл „хусун“, без регистарски ознаки, управуван од Ш.И., на возраст од 29 години, исто така жител на селото Банско удрил во девојчето пешак. Во Медицинскиот центар во Струмица биле констатирани тешки телесни повреди.

Малолетници се удавиле во реката Струмица

Петнаесетгодишно дете од селото Добрејци и неговото четиринаесетгодишно другарче од селото Пиперово паднале и се удавиле во реката Струмица откако се превртел тракторот што го управувало помалото момче. Настанот бил пријавен во понеделникот, во 15.15 часот, а во пријавата било евидентирано дека четиринаесетгодишникот управувал со тракторот „ИМТ 539“ со кој момчињата се упатиле кон местото Таре, на реката Струмица, за да ловат риби. Во еден момент, тракторот се превртел и паднал во реката, а малолетниците се удавиле.

Скопјанка излетала од патот село Побожје – Радишани

Скопјанка на возраст од 43 години излетала од коловоз на локалниот пат село Побожје – Радишани и се здобила со тешки телесни повреди.
Н.Г. на локалниот пат од село Побожје – Радишани управувала со патничко возило „даеву матиз“, со скопски регистарски ознаки, при што ненадејно со возилото излетала од коловозот. По незгодата, Н.Г. била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.