Билтен

73

Каснати од улични кучиња

Во Полициската станица во Кисела Вода, К.Е. (80) од Скопје пријавила дека на улицата Баница била касната од куче скитник во пределот на десната нога. Во Полициската станица во Карпош, пак, Д.Б. (34) од Скопје пријавил дека на улицата Јуриј Гагарин бил каснат од куче скитник.

Уапсен поради поседување марихуана

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи во Скопје на улицата Варшавска го лишиле од слобода Д.А. (33) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Сообраќајна незгода во Битола

На улицата 8 Септември во Битола се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „шевролет калос“, управувано од И.М. (62) од селото Трново, Битолско, и мотоцикл „пјаџо“, управуван од И.Р. (27) од Скопје. Во незгодата мотоциклистот добил тешки телесни повреди, по што бил пренесен во Клиничката болница за укажување лекарска помош.

Со возило излетал од коловоз кај Лозово

Четириесет и седумгодишниот В.С. од селото Лозово излетал од коловозот со своето моторно возило „опел корса“. Во незгодата, возачот добил тешки телесни повреди, по што бил пренесен во Општата болница во Велес за укажување лекарска помош.

Прегазен пешак во Скопје

На крстосницата меѓу улиците Методија Шаторов-Шарло и Милан Зечар, патничко возило „фиат“, со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Ш. (36) од Скопје, удрило во пешак С.З. (79) од Скопје. Во незгодата, пешакот добил тешки телесни повреди, по што бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош.

Прегазил четиригодишно дете во Струмица и побегнал

Четиригодишно дете било прегазено во Струмица на улицата Никола Тесла. Возачот веднаш по инцидентот избегал. Детето добило тешки телесни повреди и било пренесено во Медицинскиот центар во Струмица за укажување лекарска помош. Од полициски службеници патничкото возило „форд ескорт“, со скопски регистарски ознаки, е пронајдено, а се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.