Билтен

106

Запленет еден тон марихуана во Бутел

Бирото за јавна безбедност, преку Одделот за криминалистичка полиција, во рамките на засилените мерки во борбата против недозволената трговија со дрога, во координација и насоки со ОЈО – Кавадарци, спроведе акција на подрачјето на Скопје, при што во магацин во населба Бутел се пронајдени и одземени 12 палети во кои има еден тон и двесте и четириесет килограми (1.240 кг) наркотична дрога марихуана спакувана во полиетиленски вакуумирани пакувања и црни полиетиленски вреќи, информира директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски. Тој информира дека во акцијата е уапсено едно лице.
– Лишено е од слобода едно лице, против кое ќе биде поднесена кривична пријава по членот 215 став 1 од Кривичниот законик до ОЈО – Кавадарци. Истрагата е во тек, за утврдување и откривање други лица инволвирани во случајот на недозволена трговија со марихуана.

Мотоциклист доби тешки телесни повреди кај Зајас

На крстосницата на магистралниот пат Гостивар – Кичево со локалниот пат за селото Зајас се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „голф“, со кичевски регистарски ознаки, управуванo од Р.Ј. (51) од кичевското село Колари, и мотоцикл „гланз“, управуван од А.И. (31) од Зајас. Притоа, мотоциклистот добил тешки телесни повреди констатирани во Општата болница во Кичево.

Малолетници оштетиле стакло на локомотива

На дел од пругата пред влезниот сигнал на железничката станица Скопје Север, во правец кон железничката станица Ѓорче Петров, неколку малолетници пукале со воздушна пушка врз машина од товарниот воз што сообраќал на релацијата Трубарево – Јанковиќ, при што било оштетено стакло од локомотивата. При оштетувањето нема повредени лица.

Пожар зафатил две куќи на улицата Славеј планина

Во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено дека на улицата Славеј планина настанал пожар во кој биле зафатени две куќи, сопственост на Ј.Б. (44) и И.И. (45). Во пожарот, Ј.Б. добила повреди, откако скокнала од кат од куќа, по што била пренесена во градската општа болница „Свети Наум Охридски“ за укажување лекарска помош. Од екипи на Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил локализиран и бил извршен увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР -Скопје.

Обид за насилна обљуба во Зајас

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Р.Д. (50) од селото Зајас, Кичевско, поради тоа што во семејната куќа на Х.И. во Зајас, пријавениот влегол во соба каде што била Х.И. и со физичка сила и закани по нејзиниот живот сакал да изврши обљуба врз неа.