Апелација ја потврди затворската казна за дедото на Тамара

696

Апелацискиот суд ја потврди првостепената пресуда од седум и пол години затвор за дедото на Тамара, Љупчо Стојановски, кој пукаше во ексминистерот за здравство, Никола Тодоров.

Стојановски разочаран од здравствениот систем, на 1 јуни 2017 година пукаше во министерот Никола Тодоров. Тамара, внуката на Стојановски, во 2015 година почина чекајќи одобрување финансиски средства за операција на ‘рбетот во странство.

Апелацискиот суд – Скопје до Основниот кривичен суд – Скопје ја достави пресудата КЖ. Бр. 259/19 со која во целост ја потврдува првостепната пресуда на кривичниот суд со К.бр. 1989/18 против Љ.С. за кривичното дело убиство по член 123 ст.1 в.в со чл.19 од КЗ.

– Станува збор за кривично дело сторено на 1 јуни 2017 година пред Министерството за здравство, за што со првостепената пресуда обвинетиот беше прогласен за виновен и осуден на казна затвор во траење од седум години и шест месеци – стои во соопштението од Апелацискиот суд.

Апелација веќе еднаш одлучуваше за овој случај, но за разлика од сега, претходно беше укината пресудата за Стојановски, која му беше изречена од Основниот суд.