Ангела Ѓорѓиевска осудена на 19 години затвор за соучесништво во убиството на Пино

814

Ангела Ѓорѓиевска доби 19-годишна казна затвор поради свирепото убиство на Пинета Секондо – Пино. Судијката Ленка Давитковска ја прогласи за виновна, односно дека помогнала во извршување на убиството што се случи во 2018 година, а неговото тело беше пронајдено во април 2019 година, кај местото наречено Башинец, во атарот на селото Љуботен.

Во бегство е извршителот на убиството, кој го застрелал Секондо со пушка и сè уште не им е достапен на органите на прогонот.

Според обвинението, осудената го повикала Пинета Секондо – Пино и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило „опел аскона“, носејќи со себе пушка. Тој го оставил возилото на насипот и седнал да управува со автомобилот „шкода“ со кое оштетениот дошол до насипот. На совозачкото место седнала обвинетата, а оштетениот седнал на задното седиште.

Обвинителството тврди дека тројцата се упатиле по обиколницата кон атарот на селото Арачиново и во една нива почнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент обвинетиот со пушката го застрелал во главата оштетениот Пинета Секондо. Притоа, осудената дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост. Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката покривајќи го со ќебе.