Адвокатот на Јанева: Се зборува за земање рекет, но се работи за поткуп

284

Адвокатот Дељо Кадиев, бранител на обвинетата Катица Јанева, вели дека нејзиниот став е оти предметот „Рекет“ е конструиран за да послужи како одбрана на случајот „Империја“. Тие велат дека иако се зборува за земање рекет, всушност станува збор за давање поткуп. Кадиев рече дека се фрла сомнеж и на снимките што денеска беа пуштени во судницата бидејќи не може да се утврди нивната автентичност.

– Ставот на Јанева и нејзината одбрана е дека преку овој предмет се дава одбрана за предметот ‘Империја’. Се обидува да се прикаже дека обвинетите барале рекет. Всушност, како што ќе имате можност да видите, сè е тргнато со нудење поткуп од сопругата на Јордан Камчев, а на крајот изгледа и од него – рече Кадиев по судењето.

Реакции по судењето имаше и од адвокатот Сашо Дуковски, кој го застапува Бојан Јованвоски. Тој пред новинарите најави дека Јовановски нема да биде пуштен од притвор од Кривичниот и Апелациониот суд, односно дека тоа е зацртана идеја и сè тера во тој правец. Тој повторно реагира на здравствената состојба на Јовановски, кој вчера бил на конзилијарен преглед на Клиниката за гастро, а мислењето го потпишале 16 доктори.

– Вели дека патохистолошкиот наод не е готов. Истиот конзилиум вели дека нема малигнитет. Јовановски не е прегледан од 16 лекари. Кој стигнал во таа клиника, удрил печат. Ова дава навистина друго светло на водењето на целата постапка, а тоа е дека обвинетиот Бојан Јовановски се држи во притвор по секоја цена. И ќе се држи во притвор за тоа немам никаква дилема. ви најавувам дека Бојан Јовановски никогаш нема да биде пуштен од притвор, ниту од овој суд ниту од Апелациониот – рече Дуковски по судењето.