Австрија се прашува дали трагедијата во Тулн можеше да се спречи

1005

Смртта на македонската државјанка З.К. (32), за чие убиство во австриски Тулн е осомничен нејзиниот сопруг Џ.М.(36), ја покажува немоќта на грижната мајка на две деца да се оттргне од насилниот брак, со што во Австрија се отвора прашањето дали трагедијата можела да се спречи, објавува австрискиот весник „Хојте“.

Медиумите дојдоа до информации дека Џ.М. кој имал проблеми со коцкање, бил осуден на шестмесечна условна казна поради насилство, по што сопругата избегала во прифатилиште за жени. На Џ.М. му било наложено и да посетува курс за антинасилство, што не било спроведено, поради неговото непознавање на германскиот јазик.

Но, жртвата повторно го примила сопругот назад, по што полицијата интевенирала на 6 јануари. З.К. се обидела да издејствува забрана за пристап на сопругот, а нејзиното барање утре требало да биде разгледано во надлежниот суд во Санкт Пелтен. Судот има рок од две недели за одлучување за барањето.

Џ.М. сакал да ја одврати сопругата од нејзината намера, со што ја чекал на паркингот пред супермаркет во Тулн. Но, таа одбила да разговара и се упатила накај нејзиниот автомобил. Пред да го стартува возилото, таа била избодена со нож во вратот, по што искрварила до смрт на местото на злосторството, пренесува „Хојте“.

Убиецот кој набргу бил уапсен, го признал убиството, по што бил притворен во Санкт Пелтен. Брачниот пар има две деца на шест и на 10-годишна возраст, од кои едното е тешко болно, според медиумите.