Австралиското обвинителство го искористи молкот на Ристевски против него

615

Затворската казна на Борче Ристевски (55) е продолжена од девет на 13 години со одлуката на Апелациониот суд во австралиската сојузна држава Викторија, врз основа на поднесената жалба од страна на Обвинителството, пренесува „Гардијан“.

Одлуката уследи откако обвинителсто Брендан Кисејн посочи дека „мрежата на лаги“ на убиецот во врска со исчезнувањето на сопругата и неговото одбивање да открие што се случило бараат построга казна. 

Братот на жртвата, Стивен Вилијамс, истакна оти „резултат е добар колку што можел да биде“, пред новинарите собрани пред судот, додавајќи „сакав да се врати смртната казна, но тоа никогаш немаше да се случи“.

Обвинителството бараше построга казна поради „лагите и молкот“ на Ристевски, на што се согласија двајца од тројцата судии кои одлучуваа за жалбата. Судијата што не се согласи со колегите, кажа дека тој барал 12-годишна казна за обвинетиот, со можност да добие право на условно пуштање на слобода по девет години. 

Македонецот од Мелбурн сега треба да отслужи барем уште десет години зад решетки, пред да добие право да бара условно пуштање на слобода. Тој досега помина 723 дена во затвор. 

Ристевски беше обвинет за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година.

Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, а признавајќи го злосторството, Ристевски избегна доживотна затворска казна. Незадоволство од првичната пресуда изразија организациите за спречување на семејното насилство, како и членовите на семејството на Карен, кои сметаа дека правдата не е задоволена. Обвинителството затоа одлучи да се жали на, како што посочи „јасно несоодветната казна“. М.Ж.