Руско-украинската војна ќе влијае негативно врз туризмот во земјава, велат хотелиерите во земјава.
Хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера се подготвени доколку има потреба да прифатат бегалци од Украина.

Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ, Крсте Блажевски смета дека воената состојба во Украина ќе се одрази не само на бројот на туристи од Украина и Русија и од околните држави, туку и врз веќе намалената куповната моќ кај народот од енергетска криза. Според него, многу е тешко да направат цени со кои би можеле да бидат атрактивни, да направат обрт и да плаќаат скапа струја и скапи производи, како и исплата на плати.

–Цените не можеме да ги задржиме, се намалува моќта на секој турист од било која држава да направи одмор од 15 до 20 дена, вака би направил пет дена, ако воопшто би дошле. Имаше јавувања, односно интерес од украински и руски тур оператори со оглед дека имаме и лет од Русија. За почеток беа на добро ниво, но со збиднувањата сега се затворни, не се знае што ќе биде понатаму. Се надеваме на добар компромис и разум кај сите големи сили да можат ова да го решат што побрзо и да одиме понатаму-вели Блажевски.

Тој нагласи дека хотелиерите досега во многу наврати ги ставиле своите капацитети на располагање кога било најпотребно, а тоа ќе го направат и сега ако се јави потреба за сместување бегалци.

Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков посочи дека и Охрид е подготвен да пружи рака за сите бегалци од Украина.

–Во принцип го почитуваме територијалниот интегритет на Украина и ова треба да се реши на мирен начин со преговори, зошто војна во никој случај не е решение-рече Пецаков.

Претседателот на здружението на туристички водичи „Кеј“ од Охрид, Климент Наумов, информира дека туристите од Украина биле присутни во градот во договор со локални туристички агенции, но и преку туристички агенции од регионот.

–Да се надеваме дека проблемот нема да ескалира и брзо ќе дојде до примирје, бидејќи ако екалира последиците, би биле незамисливи. Иако се наоѓаме многу далеку ќе бидеме директно засегнати, односно ќе се соочуваме со дополнителни загуби. Доколку се подаде рака ќе се најде решение за бегалците и треба да бидат прифатени-додаде Наумов