Фото: Маја Јаневска-Илиева

Јавниот интерес на граѓаните во нагорна линија во 2021 година

Граѓанските активисти се јавуваат како реакција на неефикасноста на надлежните институции, кои реагираат бавно или воопшто не реагираат во превенирањето, спречувањето и санкционирањето на нелегалните општествено-политички појави, односно се борат против сите појави што создаваат слика во јавноста за неказнивост и недопирливост на определени поединци под заштита на власта

Екологисти, феминисти, хуманитарни работници и активисти, новинари, медиуми се луѓето што во минатата година, според изборот на БИРН, со сопствените активности постигнале позитивни промени во своите земји. Листата на хероите на годината, направена од БИРН, покажува дека станува збор за обични луѓе, непознати за поширокиот регион. На листата нема ни политичари или други јавни личности од поодделни земји. Со тоа се истакнува значењето на граѓанскиот активизам, кој го дополнува општествениот простор, а на државните институции им е коректив во работењето. Граѓанскиот активизам по природата на своите надлежности е обврзан да го заштитува јавниот интерес на граѓаните.

Хероината од Македонија

Хероината од Македонија за минатата година е Цеце Николова, новинарката што им помага на дечињата што се згрижени во „СОС детското село“ во Скопје. Таа ѝ го привлече вниманието на јавноста со активностите на невладината организација „За тебе“, која им помага на младите луѓе без родителска грижа, нудејќи им совети и професионална обука, откако ќе бидат принудени да ги напуштат своите домови за сиропиталишта или згрижувачки домови.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Симболи на хуманоста од Турција, Косово, Албанија, Србија…

Рок-музичарот Халук Левент стана симбол за хуманоста во Турција. Неговата интернет-платформа „Ахбап“ (Пријател) има повеќе од 47.000 волонтери нудејќи медицинска помош, храна и финансиска поддршка за сиромашните граѓани. Во Косово дваесет и седумгодишната Еуриса Руковци, по професија психолог, го активира движењето за промоција на правата на жените и за сексуалното образование. Во Албанија за херој на годината, постхумно е прогласен Аријан Салај (33), кој го загуби животот додека им помагаше на луѓето што беа заглавени во депото на трговскиот центар во Тирана каде што избувна пожар.

Во Србија за најхеројско дело е прогласена „Кујната на солидарноста“, која за време на пандемијата им помагаше на гладните и сиромашните граѓани.
Водејќи ги најдолгите еколошки протести во историјата, херои во Црна Гора се Милован Лабовиќ и десетици локални жители во близината на градот Колашин, кои од јули 2020 година, ги чуваат руралните реки во природниот парк Комови. Локалните жители во приграничните зони во Полска беа „одликувани“ за своите активности на грижата за мигрантите, а во Словачка, Зузана Батова опстои на одбраната на институцијата со која раководи и се грижеше за подобрување на грижата за зависниците од дрога. Деница Љубенова е една од водечките активисти и адвокати за човекови права во Бугарија, која во последната деценија нуди правна помош за припадниците со различна сексуална ориентација.

БИРН издвои три грчки медиуми што, и покрај сите неволји, достоинствено ја продолжија својата новинарска работа. Херој на годината во Унгарија е, исто така, андерграунд-весник што се бори против пропагандната машина на унгарската влада на Виктор Орбан, која контролира над 500 медиуми. Во Унгарија беше издаден дигитален весник „Испечати самиот“, кој се дистрибуира преку волонтери и активисти од врата на врата.

Еколошкиот активист Октавијан Берчеану е еден од најпознатите личности во Романија што се бори против нелегалното согорување токсичен отпад околу рабовите на главниот град и најголемиот град во земјата, Букурешт.
Во Хрватка се истакна адвокатката Сања Јелавиќ за одбрана на правдата, која ја побара едно мигрантско семејство во случајот со девојчето Мадина. Во Босна и Херцеговина херојот на годината е феминистката и активистка Хана Чурак, која на страница на Фејсбук „Сите тие се вештерки“ се занимава со секојдневниот сексизам преку сатирично прикажување на стереотипните родови улоги.

Граѓанските активисти се јавуваат како реакција на неефикасноста на
надлежните институции

Последните години, како последица на ковид-кризата, се актуализира потребата за поголемо ангажирање на поединци или групи луѓе, кои доброволно учествуваат во активности за подобрување на услугите за одредени ранливи социјални групи. Граѓанските активисти се јавуваат како реакција на неефикасноста на надлежните институции, кои реагираат бавно или воопшто не реагираат во спречувањето и санкционирањето на целокупните општествено-политички појави, што создава слика во јавноста за неказнивост и недопирливост на определени поединци под заштита на власта.

– Интересовната група е група поединци или институции што споделуваат заеднички ставови и интереси, кои се организирани со цел да обезбедат некаков политички исход, односно да влијаат врз оние јавни политики што имаат директно влијание врз нивните членови. Тие се организираат заради остварување на своите интересно дефинирани цели низ вршење притисок врз институциите каде што се донесуваат одлуки, но без амбиција да учествуваат во политичкиот натпревар. Вообичаено интересовните групи се фокусирани на интересите на некоја помала групација на луѓе, која има заеднички интереси или е фокусирана кон решавање на некое прашање од јавен интерес или решавање на нивниот групен интерес, што во политиката е почест случај. Самите групи можат да се организираат подеднакво формално или неформално – е ставот на Страшко Стојановски, професор на Правниот факултет на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Влијанието на интересовните групи, според него, е тесно поврзано со степенот на економска, политичка и општествена развиеност на една средина. Но генерално земено, влијанието на интересовните групи зависи од неколку фактори: политичката култура, институционалната структура, природата на партискиот систем (врските меѓу политичките партии и интересовните групи) и природата и стилот на јавната политика (односот на политичките власти кон интересовните групи). Во рамките на политичката улога што ја играат, организациите на граѓанското општество претставуваат противтежа на државите и корпоративната моќ, а со тоа се есенцијален столб што промовира транспарентност, отчетност и други аспекти на она што се нарекува „добро владеење“.

– Како поединци треба да процениме на кои елементи можеме да влијаеме. Треба да сме свесни што можеме да направиме за да ја подобриме нашата состојба. Секој треба да види што може да направи на сопственото работно место, семејството и општеството. Генерално, во нашата земја како поединци имаме ограничена можност, па ако сакаме да си ја подобриме позицијата мораме да одиме во партија. Институциите се тие што можат да влијаат на општествените промени, но треба да видиме што е тоа што некој носител на јавна функција го прави незаинтересиран и го прави да има ниска доверба кај граѓаните – ни изјави психологот Мирјана Јовановска Стојановска.