Фото: Александар Вучиќ/Официјален профил на Фејсбук

Големи работи за граѓаните на Србија, Македонија и Албанија најави денес српскиот претседателот Александар Вучиќ по разговорите со партнерите од двете земји за натамошен развој на соработката во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, јави дописникот на МИА од Белград.

– Отворен Балкан е најдобрата иницијатива за народите на Балканот. Подготвуваме големи работи за граѓаните на Србија, Албанија и Северна Македонија – порача Вучиќ на официјалните профили на социјалните мрежи на кои објави и фотографии од видео-конференцијата.

На средбата присуствуваа и српскиот министер за финансии Синиша Мали, министерката за трговија Татјана Матиќ и претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС) Марко Чадеж.

На почетокот на јуни во Охрид се очекува средба во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, на која ќе присуствува и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.
Како што јави РТЦГ, Абазовиќ изјави дека се уште не слушнал валиден аргумент дека оваа регионална иницијатива не е добра за Црна Гора. Тој вчера за новинарите истакна дека претставниците на Црна Гора како набљудувачи и претходно биле на самитите на иницијативата Отворен Балкан и оцени дека треба да се прифати секоја регионална иницијатива која би можела да ја забрза европската интеграција на земјата, нагласувајќи дека нема алтернатива за членството во Европската унија, пренесува РТЦГ.

-Со „Отворен Балкан“ ги отстрануваме работните дозволи и ги признаваме дипломите. Бариерите паѓаат, а ние се поврзуваме побрзо – истакна премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски на својот Фејсбук-профил напиша дека разговарале за забрзување на имплементацијата на проектите во рамките на Отворен Балкан.

– На самитот во Охрид на 7 и 8 јуни фокусот ќе биде насочен на туризмот и културата – најави премиерот.