фото МИА

За нашата македонска држава Гоце Делчев е најсветлиот лик, апостол и знаме на македонската револуционерна борба. Делчев е најнесреќниот избор од бугарска страна за предизвикување раздор, а не добронамерност, и создавање амбиент на несоработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија. Ова денеска го истакна поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, на трибината „Гоце е Македонија“, организирана во централниот партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Ѓорчев, „Бугарија не ја разбира светлосната порака на Гоце Делчев и дека сите политички манифестации од бугарска страна за негирање на македонското постоење, се навистина и непознавање на европските вредности, а бугарските резолуции и црвени линии се во насока да се нагласи старата анахрона теза за непостоење на македонска нација и македонски јазик“. За Ѓорчев негирањето на Гоце Делчев е негирање и на европските вредности и, како што рече на трибината, Македонија треба да организира широка општествена дебата за универзалноста и европскиот лик на Гоце Делчев.

Поранешниот амбасадор Ѓорчев се осврна и на најновите случувања околу спорот со Бугарија и рече дека „изјавите на премиерот и претседателот на Македонија уште еднаш ја покажуваат спремноста за попуштање од страна на власта, спремност за величење на туѓиот интерес за наметнување на туѓа волја кон македонските граѓани“.

– Тоа е неприфатливо, бидејќи ние имаме вистински македонски вредносен систем којшто постоел, постои и ќе продолжи да постои. Изјавите на премиерот и претседателот на Република Македонија се несреќни изјави, бидејќи со тоа тие ја слабеат нашата позиција во преговорите со Република Бугарија. Тоа претставува и нивно повлекување од нашата резолуција донесена во парламентот со консензус од сите политички субјекти за нашите црвени линии – заклучи Ѓорчев.