Фото: Архива

Учениците денеска и утре ги приложуваат документите за упис во средните училиштата во кои се пријавуваат, со цел да се провери веродостојноста на документите аплицирани по електронски пат.

В сабота се очекува да бидат истакнати ранг-листите со запишаните ученици.

Инаку, во неофицијален разговор со надлежните на средните училишта, годинава поголем интерес за упис има во стручните училишта, за разлика од праксата од минатите години кога поголем интерес имаше за упис во гимназиското образование.

Директорите на средните скопски училишта велат дека веќе во првиот уписен рок ги исполнуваат предвидените квоти и веќе се пополнуваат паралелките за ученици во прва година.

Андреј Манолев, директорот на скопската гимназија „Никола Карев“ вели дека веќе започнале со процедура на проверка на документите на учениците.

– Интересот на нови ученици за упис е задоволувачки за нашата гимназија. Досега се пополнети сите паралелки со предвидени бројки на ученици. Предвидени ни се 272 места, но пополнивме 285. Скроз одлични се пријавени 167 деца. Секоја година уште во првиот уписен рок ги завршуваме обврските со уписите на ученици во прва година – заклучува директорот Манолев.

Јулија Гајдаџиева, директорката на Математичко-информатичка гимназија во Скопје вели дека годинава запишуваат трета генерација на ученици во прва година.

Фото: Приватна архива

– Досега, бројките покажуваат дека имаме најголем интерес за упис на средношколци. Се пријавија навистина квалитетни ученици. На 1 и на 3 јуни полагаа приемни испити по математија и физика. Без тие резултати не може да исполнат услов за успис во оваа гимназија. Се пријавија околу 80 ученици, ресичи сите се скроз одлични и имаат дипломи од меѓународни олимпијади, државни натпревари по математика, физика и информатика. Ги пополнивме двете предвидени паралеки на ученици, од кои едната е на македонски наставен јазик, а другата е на албански наставен јазик – објаснува директорката Гајдаџиева.

Вчера министерот за образование и наука Јетон Шаќири информираше дека повеќе од 14.500 пријави се пристигнати во базата на податоци на системот за електронско аплицирање на учениците за прва година во средните училишта.

Според него, училишните комисии денеска и утре ќе извршат проверка на идентичноста на податоците од апликациите со доставените документи, а веќе в сабота ќе бидат објавени и конечните ранг-листи на огласните табли на училиштата, како и на веб-страницата на Министерството за образование и наука.