Фото: М.М.

Во Битола денес почна со реализација на активностите од најголемата еколошка акција за чистење на градот.
Акцијата се спроведува заедно со комуналните јавни претпријатија: ЈКП Водовод, КЈП Нискоградба, и ЈП Комуналец, како и со вклучување на три приватни фирми, учество на советници од Советот на општина Битола, Локалниот совет на млади, дел од основните и средните училишта во градот, како и повеќе граѓани.
Акцијата се реализира на иницијатива на Мен енд Маунтен во соработка со Пивара Скопје и ПАКОМАК.
Со „Генералка викенд“, во Битола ќе се чисти на 24 локации, а во неа ќе бидат вклучени над 1.000 учесници.
Целта на акцијата е чистење на отпадот и создавање еколошки одржлива иднина.

-Со денешните активности на улицата „Кочо Рацин“, се вклучуваме во големата акција за чистење и пошумување „Генералка викенд“, која се реализира во 26 општини. Со цел, да постигнеме колку е можно поголем ефект во расчистувањето на јавните површини, но и да ги мотивираме граѓаните да извршат чистење на просторот пред нивните домови, одлучивме акцијата да се спроведува два дена, а нашите јавни претпријатија, со голем дел од својот капацитет, ги ставивме во функција на оваа акција. Во Битола, денес и утре се врши чистење на 24 локации, меѓу кои има и поголеми диви депонии, но и мини депонии, затревени површини, како и расфрлени отпадоци кои оставаат лоша слика низ улиците. Меѓу поголемите депонии кои ќе бидат исчистени, ќе ги споменам депонијата на патот Ушици – Стрелиште, неколку депонии во АРМ, тоа што беше барање, но и потреба на пазрџиите и сите нас, односно расчистување на просторот кај Новиот пазар, обиколницата на патот М5, каде во текот на утрешниот ден ќе се вклучат и две приватни фирми, депонија во селото Црнобуки, каде се вклучува уште една приватна фирма и други локации-рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој им се заблагодари на битолчани кои самоиницијативно се вклучија во акцијата.
Во акцијата се вклучија и 745 ученици од 6 основни и 2 средни училишта.
М.М.