Чествување за Велигден / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со Христовото воскресение, воскресна Божјата вистина, се потврди Божјата правда и се покажа Божјата љубов. Денес торжествуваме и празнично го величаме Христа воскреснатиот, кој ја уништи смртта и го порази адот, кој умрените ги ослободи и стана почеток – првороден меѓу мртвите, порача поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, на денешната велигденска литургија.

Денеска православните верници го чествуваат најголемиот верски празник, Воскресението Христово – Велигден. Ноќеска на полноч, со празничните камбани, беше објавено воскреснувањето во сите македонски православни храмови во кои што илјадници верници присуствуваа на црковните богослужби. Централното чествување се одржа во Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје, каде чиноначалствуваше владиката Стефан, кој во својата молитва побара спасение и единство на македонската нација и држава.

– Го молиме воскреснатиот Господ, да ни ги дарува потребните мудрост и единство, и нам, во Татковината, и насекаде до каде што нè има по светов, за да можеме да се одбраниме од сите што ја порекнуваат македонската посебност и сето она што нам ни припаѓа, или се обидуваат со сомнителни статистики да го намалат, па дури и сосема да го избришат многувековното присуство на Македонците по македонската земја, и во минатото и во сегашноста, рече г.г. Стефан.

Тој се помоли и за мир во Украина, да престане, како што рече, братоубиствената војна.

– Со неизмерна тага ги следиме известувањата за братоубиствената војна која изминативе недели се води по украинската православна земја. На човекољубивиот Бог Му принесуваме ревносни молитви за да го воскресне мирот во неа и во целиот свет. Да застанеме во заедничка молитва за спасение на сите страдални луѓе и на сите што се засегнати од оваа голема несреќа. Да се молиме Бог да им го даде дарот на покајанието и прошката, врз кои се крепи мостот што води кон помирувањето, да си простат и да направат сè заради воскресението, рече Владиката.

Неговото блаженство рече дека создаваме и живееме време „преполно со искушенија, време во кое очигледно е отфрлен разумот и, пред сè, заборавен е законот Божји“. И затоа, како што додаде, повикани сме да се чуваме од зло, да правиме добро, да градиме и да го чуваме мирот.