Фото: Принтскрон Вселенска патријаршија

Утрово во Фанар, во Соборниот храм на Вселенската патријаршија, посветен на светиот Георгиј Победоносец, се одржа празнична литургија по повод именденот на Вселенскиот патријарх Вартоломеј.
На богослужбата молитвено присуство имаа и Архиепископот охридски г.г. Стефан, митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, како и епископот хераклејски Климент и епископот Антаниски Партениј.
Храмот на Победоносецот беше исполнет со огромен број на гости, меѓу кои многумина верници од нашата земја.

Во своето денешно обраќање Архиепископот Стефан му го честиташе именденот на Вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Фото: Принтскрин Фејбук профил на Вселенска патријаршија

– Како првојерарх на Охридскиот престол, од името на свештениот синод, на свештенојерархијата, на монаштвото и на верниот народ, како и од свое име, со преполно срце на уважување и почит, уште еднаш Ви благодарам за честа со која нè удостоивте и за срдечната љубов со која нè прегрнавте – соопштувајќи ни го благопријатниот Ваш суд за нашето апелациско прибегнување: востановувањето на литургиското општење со Вас и, преку Вас, со полнотата на православната Црква. Сега е јасно колку Вашето добротворство за нашата Охридска Архиепископија, се покажа, всушност, како Ваш најнов принос пред Сељубивиот Бог – како долично дело за таткото на православните. А ние, скромните Ваши чеда, можеме да Му заблагодариме на Бога, покрај за споменатата милост, ете – и за тоа што сме удостоени да бидеме современици на Вашата личност и на Вашите дела за доброто на Црквата и што ја имаме можноста да се радуваме и да се утешуваме од Вашиот подвиг на „добро стоење“, на автентично последување и себепрегорно, дури до мачеништво, исповедање на канонскиот и свештен поредок на православната црква – посочи г.г. Стефан.

Фото: Принтскрин Фејбук Вселенска патријаршија

На крајот од богослужбата, епископот антаниски Партениј со неговото братство и сестринство, на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј му подари архиерејска панагија, во чест на неговиот именден и во знак на благодарност за признавањето на Охридската Архиепископија.