Фото: МИА

Министерот за здравство Беким Сали преку Фејсбук ги повика универзитетските професори Драган Даниловски, Никола Пановски и Вело Марковски да се приклучат на Комисијата за заразни болести во новиот состав чие наскоро формирање го најави. Но докторите не покажаа интерес за прифаќање на поканата, судејќи според нивните првични реакции во медиумите.

– Според најавите, а во согласност со законските надлежности, како министер за здравство на Република Северна Македонија наскоро ќе ја формирам Комисијата за заразни болести. Оттука, како министер најавував дека промените во ова тело ќе бидат во насока на проширување и дополнување на неговиот состав, со нови, професионални, кадри од повеќе области. Заради ефективност и успешност на овој процес, би сакал јавно да ги поканам и угледните професори д-р Драган Даниловски, д-р. Никола Пановски и д-р Вело Марковски да се приклучат како членови на Комисија за заразни болести и со тоа да придонесат во нејзината работа. Чест и задоволство ми е јавно да го упатам повикот до овие експерти врз основа на внимателното следење на јавната дебата околу нивното можно вклучување во Комисијата за заразни болести – напиша министерот на Фејсбук, додавајќи дека професорите можат да бидат дел од неговиот тим на советници, доколку од какви било причини не се во можност да бидат дел од Комисијата.