Во организација на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје и МИТ универзитетот денес, во Стопанската комора се оддржа меѓународна научна и стручна конференција: Енергетската и здравствената криза – правни, економски, психолошки и политички аспекти. Партнери на конференцијата беа: Факултетот за правни и пословни студии Д-р Лазар Вркатиќ, Нови Сад; ЦЕПС – Кисељак, БиХ; Институт за судска медицина – Скопје; Интернационален универзитет „Травник“, Травник; Истражувачки центар за безбедност, одбрана и мир – Скопје и Адвокатско друштво Чукиќ-Марков, Скопје. Мисијата на конференцијата е да се даде конкретен научен, стручен и поширок општествен придонес во одговорот на предизвиците со кои се соочуваат денешните држави заради актуелните состојби наметнати со тешките последици од пандемијaта со ковид-19 и енергетската криза.

Преку размена на експертски знаења, професионални практики и индивидуални искуства, како и взаемна соработка помеѓу образовните институции и деловната заедница, потребно е да се создаде основа за да се дојде до релевантни и применливи решенија со кои ќе се подобри институционалниот и нормативниот дизајн во борбата со совремните ризици и закани. Според проф. д-р Атанас Козарев, претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје, неспорно е дека биолошките, климатските, економските, а пред се корупцијата и други закани и во иднина ќе претставуваат сериозни и сложени безбедносни ризици и човештвото ќе биде принудено во иднина да вложува многу финансии и да прикаже фактичка, а не декларативна подготвеност и волја за нивно брзо сузбивање и спречување.

-Ниедна земја не е во потполност подготвена да има успешна реакција на една пандемија или епидемија и секоја има недостатоци кои треба да се отстранат. Исто така, има малку докази дека многу земји имаат капацитети за да функционираат во оваа глобална криза што се потврдува и денес. Може да се додаде и дека на повеќето земји не им се доделни значајни средства од пресметките за да се пополнат сите тие недостатоци кои постојат во здравствениот систем, но и во системите кои се задолжени за спречување и санирање на ширње на паднемијата – нагласи тој.

Оттука, според него, пред академската и стручната јавност се поставува прашањето: Како да се подобрат здравствените системи во планирањето на реакција на еден од најприсутните светски ризици – епидемија од заразни болести?
Одговорот на ова прашање може да произлезе од бројните научни и стручни трудови кои беа презентирани во текот на конференцијата.

Проф. д-р Серјожа Марков во своето излагање се осврна на светската здравствена, енергетска и воена криза, при што го потенцираше лошото менаџирање со енергетските ресурси пред и за време на енергетската криза во нашата држава. Истиот, ја истакна потребата од инвестиции во енергетскиот систем на земјава, а како добар сигнал го оцени носењето на подзаконски акти од Регулаторната комисија за регулирање на односите помеѓу универзалниот снабдувач и физичките лица кои сакаат да инвестираат во системи за производство на сончева енергија во своите домови.

Доц. д-р Вероника Рашковска, изрази лично инсистирање за оптимално и бона фидес употреба на новите техологии во дигиталното доба. Затоа, пред аудиторимот успешно го доближи поимот на дигиталните медиуми, појавата на лажни вести и последиците од нивно ширење до увото на читателот, како општествен актер којшто не е имун на последиците од пандемијата.

-Во тие услови, медиумите како седма сила на светот станаа моќен ресурс за менаџирање со енеергетските и здравствените закани. Наша задача како корисници, во таа палета од ризици е да ги користиме новите технологии и медиумите на начин на којшто ќе ги намалиме негативните последици и ќе го олесниме нашето секојдневие со придонес во борбата против пандемијата. Впрочем, тоа е наша одговорност во овој момент, повеќе од било кога – нагласи таа.

Д-р Мирзо Селимиќ од ЦЕПС Киселјак, преку компарација помеѓу состојбите во нашата држава и БиХ укажа на одредени сличности но и разлики, со желба институците да имаат системски пристап во справувањето на сегашните и идни ризици и закани.

Доц. д-р Јордан Делев и доц. д-р Ебру Ибиш од Правен факултет при Универзитетот Визион, укажаа на инкриминациите во националната и меѓународната регулатива и статистиката околу семејно насилство во време на пандемија. Според добиените истражувачки резултати, тие заклучија дека постои зголемување на стапката на семејно насилство во време на ковид -19, при што жените се наоѓаат претежно во улога на жртва и дека физичкото насилство има примат.

Модератори на пленарните сесии беа: проф. д-р Наташа Георгиева и доц. д-р Благица Котовчевска Михајловска од Факултетот за безбедносни науки при МИТ универзитетот.