Драган Јањатов/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според извори на „Нова Македонија“ се очекува Синодот на МПЦ-ОА утре на вонредна седница да го разгледува ставот на СПЦ и ќе одлучува во кој правец ќе продолжат преговорите

Последните случувања со обидите за решавање на македонското црковно прашање се доказ дека се работи за тотално национално разобличување на Макеоднија, и тоа по сите основи.
Вака поранешниот дипломат Драган Јањатов ја толкува вчерашната одлука на Српската православна црква да ја врати Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во автономен статус, истиот тој што го имала во 1959 година.

– Од една страна е Бугарија, од друга страна е црквата, а од трета страна е Европската Унија. Таа ниту сака, ниту има намера да го решава македонското прашање, со што ја продолжуваат агонијата на Македонија. Доколку тие сакаа Македонија досега три пати ќе беше примена во ЕУ. А и црковното прашање е во тој состав – посочува Јањатов.

Според него, прво се јавил Вселенскиот пратријарх, а јасно е дека македонското црковно прашање не може да се реши без СПЦ.

– СПЦ си ја враќа МПЦ во своја канонска надлежност како што беше пред повеќе од 50 години. И која е тука придобивката? Значи сега ќе бидеме православна црква под јурисдикација на СПЦ. Така на Македонија и го одзедоа правото на територија, сега и го одземаат и црковно право, односно право на вероисповед. Ова е една хајка против Македонија и зад сето тоа стои Западот – смета поранешниот дипломат.

Вели дека можеби има дефетистички погледи на актуелната состојба, но дека реалноста е дека треба да ја изгубиме надежта дека може нешто да се направи во иднина.

– МПЦ секогаш ќе биде вака во оваа состојба. Не треба ниту да се фаќаме и на јадиците од Вселенската патријаршија. Македонија национално се обезличува. И ја земаа територијата, а сега и идентитетот  -заклучува тој.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Соопштението на Соборот на СПЦ следува по решението на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај со кое ја призна МПЦ-ОА за канонска црква. Вселенската патријаршија објави дека МПЦ ја признава за канонската црква под името Охридска архиепископија, имајќи ја предвид областа на нејзината јурисдикција во границите на државата Северна Македонија.

Верските аналитичари веднаш посочија дека оваа одлука на СПЦ не е изненадувачка, бидејќи изминативе денови во јавноста се навестуваше во кој правец ќе се движи таа, а тоа е дека СПЦ нема никаква намера да отстапи од епархиите во Македонија и ја враќа МПЦ-ОА како автономна црква во СПЦ, без притоа да се знае кога и дали воопшто МПЦ-ОА ќе добие автокефалност.

Тие потенцираат дека исклучително е проблематично што во одлуката на СПЦ пишува дека таа е донесена откако добиле писмо, или барање од Синодот на МПЦ-ОА, во кое тие се согласуваат на сето тоа.

Според извори на „Нова Македонија“ се очекува Синодот на МПЦ-ОА утре на вонредна седница да го разгледува ставот на СПЦ и ќе одлучува во кој правец ќе продолжат преговорите.
Додека трае молкот на Синодот на МПЦ, во јавноста има различни коментари за одлуката на СПЦ.