Фото: МИА

Претседателот на Собранието Талат Џафери, попладнево свика итна координација на која беа поканети сите координатори и претставници на политичките партии во Собранието. На поканата се одзваа координаторот на Пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и пратеничката од Алтернатива, Сафије Садики Шаини. Иако поканети, не присуствуваа претставниците од опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и од Алијансата на Албанците, информираа собраниските служби.

„Претседателот на Собранието ја свика координацијата откако членовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по цели два часа со процедурални забелешки се спротивставија да се изгласа дневниот ред на Комисијата за европски прашања, кој сепак беше изгласан“, е потенцирано во соопштението.

На координацијата, како што е нагласено во напишаната информација, бил донесен заклучок дека собранискиот Деловник ги дава сите можности за работа на Собранието и не дозволува насилство во која било форма.

„На координацијата исто така се заклучи и тоа дека граѓаните самите ќе проценат од снимките кои се вртат по социјалните мрежи кој го предизвика инцидентот на Комисијата за европски прашања. Ниту во земјите членки на Европската Унија не се дозволува насилство врз претседавачот со седница на работно тело на Собранието“, се нагласува во информацијата од Собранието.

Инцидент во Собранието, Адеми фрлаше предмети кон пратеници