Претседателот на Собранието Талат Џафери им го честиташе муслиманскиот празник Рамазан Бајрам на сите припадници на исламска вероисповед.

Џафери во честитката порачува празникот да донесе мир, хармонија и благосостојба за сите.

-Во име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име, го честитам првиот ден на големиот муслимански празник, Рамазан Бајрам, на сите припадници на исламската вероисповед во земјава и каде и да се наоѓаат надвор од неа, со надеж дека месецов што го оставаме зад нас, постењето, посветените молитви и добрите дела кон човечките суштества во потреба успеаја да ни ги исчистат душата, мислите и телото од негативните мисли, отровните влијанија и незавидните постапки – наведува Џафери во честитката.

Тој изрази надеж дека празникот ќе поттикне повисока совесност за, меѓусебна почит, чувство на солидарност и хуманост.

-Се надевам дека сите посветени верници ќе го пречекаат Бајрам во една повисока димензија на облагородување и совесност на умот и телото и таа иста енергија ќе ја споделуваат со блиските, со пријателите и познаниците, со познатите и непознатите, за празничниот дух и мирис да ги исполни сите домови и да зрачи топлина и светлина која ќе ги грее срцата, ќе донесе мир и спокој во душите и ќе упатува кон градење на меѓусебна почит, чувство на солидарност и хуманост. Ова се тешки времиња на искушенија за човештвото, кризите се надоврзуваат една по друга. Нека празникот не сплоти сите во молитвите, нека донесе мир, хармонија и благосостојба за сите. Уште еднаш, честит Рамазан Бајрам и за многу години да го празнуваме – пишува во празничната честитка на Џафери.

Честитки со желби за меѓусебна почит, човечност, добра мисла, морална одговорност и негување на различностите посакаа министрите Славјанка Петрова, Артан Груби, Бојан Маричиќ, Оливер Спасовски како и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Кристијан Мицковски и Димитар Ковачевски.