Фото: МИА

Претседателот на Собранието Талат Џафери од негово и од име на пратениците, им го честита на православните верници во земјава големиот христијански празник – Велигден.

– Нека и овој празник биде убав повод да се соберат семејствата, да се споделат убавите вести, да се сподели тоа што се има со тие што ве прават среќни и исполнети. Покрај тоа, нека биде прилика да бидете утеха за помалку среќните и послабите од вас. Не секогаш материјалното е одговор и решение за сите тешкотии со кои удира животот. Напротив, убавиот збор, благородното и хумано дело, сочувствувањето со несреќните причинува поголема радост и дава спокој во душата. Бидете и Вие нечие светло на крајот на тунелот, нечиј топол дом и засолниште, нечиј зрак на надеж. Човештвото поминува низ вистински тешки искушенија и во потрага по вечноста и славата, се заборава вредноста на животот и се посегнува по него без при тоа да се размисли дали тој што не го создал животот има право да го одземе него. Сепак, секој од вас поединечно и сите заедно, немојте да бидете слепи и глуви на ова страдање. Дозволете светлината да ги осветли и стопли Вашите домови, да Ве сплоти во молитвите и да донесе мир и хармонија во Вашите мисли. Драги сограѓани, Ви посакувам добро здравје и благосостојба, Вам, на Вашите блиски и на сите православни верници во Република Северна Македонија. Честит Велигден!, се наведува во велигденската честитка на претседателот на Собранието Талат Џафери.