Катрин де Бол, извршна директорка на ЕВРОПОЛ (Фото: МИА)

Македонската полиција е веќе на високо ниво во соработката со ЕВРОПОЛ и сега треба да се утврдат следните чекори и да се следат парите на криминалните организации, ѝ порача на македонската полиција извршната директорка на Европската агенција за спроведување на законот – ЕВРОПОЛ, Катрин де Бол.

Таа, во интервју за МИА, нагласува дека соработката е многу добра на оперативно нивои дека имаат директна интеракција со македонските полициски служби, а особено ја нагласува добрата соработка во сузбивањето на криумчарењето мигранти.

– Поради вашата географска положба овде во регионот вие сте од клучно значење, како транзитна област и илегалната миграција често се користи од групите на организиран криминал – вели де Бол во интервјуто и додава дека треба и ќе се направат дополнителни напори и надградба во областа на економскиот и финансискиот криминал, како и во доменот на енкрипцијата, шифрираната комуникација, нагласувајќи дека тоа е една од потешките задачи за справување.

Де Бол вели дека е нужна регионална соработка и поврзување во борбата со организираниот криминал во сите негови форми и дека Западен Балкан е од клучно значење за соработка, а Македонија била првата земја во регионот со која ЕВРОПОЛ склучил оперативен договор во 2012 година, а од 2015 има и канцеларии за врски со Македонија во седиштето на ЕВРОПОЛ.

– За нас Западен Балкан е од клучно значење за соработка. Со сите земји на Западен Балкан имаме оперативни договори за да можеме заедно да соработуваме во справувањето со организираниот криминал и во борбата против тероризмот, вели Де Бол во интервјуто за МИА, кое целосно со видеоматеријал ќе биде објавено утре.