Фото: МИА

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, попладнево реагираше на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека ги поддржува работниците, но не и синдикалниот лидер за кого рече дека е омилен на власта.

Димовски го повика Мицкоски да ги повика градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и директорите на јавните комунални претпријатија да им ги зголемат платите на вработените за 2.806 денари.

– Ова не е начин да покажеш дека си поразличен политичар, особено не со декларативни изјави дека поддржуваш декларативно зголемување на платите, а твоите политички поставени директори никаде не ги зголемиле истите и декларативно унапредуваш работнички права, а со предлог измени од твои пратеници во Собранието за недела да биде работен ден преку цела година за работниците во туристичките места ги уназадуваш работничките права. Ваквите напади спрема синдикатите и работниците се ехо на еден режим и се директно спротивни на конвенциите на МОТ, па дали тоа значи директно мешање во работата на синдикатите за што, како што велите Вие, ќе мораме да ги информираме сите меѓународни организации и институции – вели Димовски во писмото упатено до Мицкоски.

Тој го повикува Мицкоски во понеделник на средба во ССМ за, како што вели, нештата да бидат појасни за сите работници.

Омилениот синдикалец на власта Дарко Димовски продолжува да биде омилен човек на Ковачевски, наместо да биде омилен лидер на работниците како нивен заштитник, реагираа од ВМРО-ДМПНЕ.

-Дарко Димовски со оглед на тоа што се пронајде во изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, добро е да објасни на целата јавност и пред се членовите на ССМ зошто ја троши својата енергија во политичка расправија со ВМРО-ДПМНЕ, наместо тоа да го прави со власта на СДСМ – реагираа од партијата.