Дигитализацијата во правосудниот сектор останува главен приоритет на кој ќе продолжи да се работи. Јавните обвинителства се значаен сегмент од правосудниот систем и ставањето во функција на електронскиот систем за распределба на предмети во Јавните обвинителства ќе обезбеди ефикасност во борбата против корупцијата.

Ова го истакнал министерот за правда Никола Тупанчески на средбата со германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн, на која се презентирани резултатите од досегашната работа, како и идните чекори на Министерството за подобрување на македонскиот правосуден систем.

Како што соопшти Министерството за правда, Тупанчески истакнал дека годинава се финализира имплементацијата на Стратегијата за реформа во правосудниот сектор 2017-2022 година, а ќе се започне и со подготовка на новата Стратегија за периодот 2023-2027 година, која ќе биде продолжение на реформскиот процес.

Двете страни ја потврдиле досегашната успешна билатерална соработка, која особено се надополнува со поддршката од ГИЗ во текот на сите изминати години и безброј реализирани проекти, од кои значаен дел се во правосудниот сектор.

Амбасадорката Холштајн ја потврдила поддршката за продолжување на соработката која веќе ја имаат остварено двете држави и изразила подготвеност Германија да даде уште поголем придонес во спроведување на реформите преку размена на искуства, особено во меѓународната судска пракса од казнената сфера.

Заедно со министерот Тупанчески се согласиле дека соработката ќе се интензивира и во насока на остварување на заедничките цели.