Фото: МИА

Ситуацијата не е како што беше во јануари, но никој не знае и не може да предвиди како ќе се одвива понатаму состојбата со ковид-19 и дали повторно ќе имаме пикови, истакна денеска претставничката на Фондот за деца на ОН – УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани.

– Треба да имаме предвид во која фаза од пандемијата сме, односно каков е нејзиниот тек. Комисијата за заразни болести заседава, издава свои препораки, меѓутоа не значи дека сите мерки треба да бидат унифицирани за целата територија, бидејќи, како што кажавме ние од УНИЦЕФ, заедницата треба да се грижи за заедницата. Доколку во одредена заедница немаме случаи на ковид-19, во тој случај би можело да се намалат мерките, односно да нема потреба да се носат маски итн., меѓутоа доколку има случаи на Ковид треба да се придржуваме до мерките. Треба да имаме доверба во работата на Комисијата – нагласи Ди Џовани.

Моментно, посочи таа, можеме да бидеме повеќе опуштени, меѓутоа кога велам опуштени треба и понатаму да ги миеме рацете и да внимаваме на социјалната интеракција.

– Јас секогаш кога малку ќе се опуштам и сметам дека можеби ќе заврши пандемијата, се јавува некоја нова варијанта, но главно е да имаме доверба во научните информации што се пласираат, а не во гласините што се шират меѓу луѓето – рече Ди Џовани во изјава за медиумите пред почетокот на завршниот настан од програмата „Безбедни и иновативни здравствени услуги во време на ковид-19 во Северна Македонија”, што ја имплементираат Фондот за население на ОН – УНФПА, Фондот за деца на ОН – УНИЦЕФ и Светската здравствена организација.

На новинарско прашање како го коментира опфатот со вакцинација против ковид-19 од 40 проценти во државава и дали биле слаби кампањите, таа истакна дека тоа е многу комплексно прашање, бидејќи имало голем број погрешни информации во медиумите, исто така, некои луѓе можеби сега кога сме веќе поопуштени се прашуваат дали има потреба да се вакцинираат.

– Меѓутоа, кога ги правевме истражувањата ние увидовме дека прво треба да ги согледаме надворешните фактори, а потоа да се префрлиме и кон внатрешните фактори, како што се кампањите на Министерството за здравство итн. Треба да се спроведат студии преку кои ќе се увидат знаењето, однесувањето и практиките на луѓето. Можам да кажам дека слична стапка на вакцинација има и во голем број други земји. Меѓутоа, во моментов не можеме да ја насочиме конкретно вината. Кога започна пандемијата ние не претпоставувавме дека таа ќе трае две или три години. Јас лично за себе можам да кажам дека имам примено три дози вакцина и целосно верувам во вакцините и би ги поканила и останатите луѓе да се вакцинираат – рече Ди Џовани.

Таа рече дека како УНИЦЕФ, покрај тоа што биле загрижени за стапката на вакцинација против ковид-19, исто така биле многу загрижени во однос на редовната имунизација, како се спроведува кај децата, со оглед на тоа дека таа била мошне опадната.

– Направивме истражување за да увидиме кои се причините за незаинтересираноста. Со оглед на тоа дека децата требаа да се вакцинираат за рубеола, заушки и сипаници, а свесни сме дека во 2019 година исто така имаше една епидемија на сипаници меѓу децата во државата, така што работиме ние во иднина да се вратиме на старите патеки, односно процесот на редовна имунизација да биде како и претходно пред ковид-19, додаде Ди Џовани.

Во врска со завршниот настан од програмата „Безбедни и иновативни здравствени услуги во време на Ковид-19 во Северна Македонија”, таа посочи дека со самиот проект ја означуваат поддршката што му ја обезбедиле на здравствениот систем во сите земји членки на ОН во тешки времиња кога здравствениот систем беше оптоварен со пандемијата на Ковид-19.

– Вашата земја беше една од малкуте земји кои ја добија оваа помош, односно овој грант преку ОН. Ние се обидовме да увидиме каде можеме да обезбедиме помош во услови на Ковид-19. Ние се посветивме на бремените жени, на децата и на оние заедници кои се запоставени, односно на најсиромашните слоеви од општеството. Во координација меѓу УНИЦЕФ, Фондот за население на ОН и СЗО ние искординиравме пакет на мерки кои се надеваме дека помогнаа за полесно да се надмине пандемијата со Ковид-19 и кои ќе помогнат понатаму за зајакнување на целокупниот здравствен систем. Исто така, имаме тесна соработка со Министерството за здравство и со останати партнери и остануваме посветени како ОН да придонесеме за подобар здравствен систем и подобро општество за сите, додаде Ди Џовани.

Шефот на канцеларијата на Фондот за население на ОН – УНФПА, Афродита Шаља рече дека денеска го одбележуваат завршувањето на еден успешен проект и успехот од тоа што произлегло од проектот, кој бил наменет за брз одговор на сите последици кои произлегоа од ковид-19.

– Една од компонентите на проектот се насочи на давање услуги и нивно доближување до граѓаните, до тие кои имаат отежнат пристап особено до ранливите категории заради тоа што тие и така имаа отежнат пристап поради тоа што се ранливи групи, но и поради стравот од ковид-19, поради оптовареноста на здравствениот систем поради справување со ковид-19 и поради рестриктивните мерки – рече Шаља.

Таа посочи дека УНФПА работела на давање мобилни услуги на жени и девојчиња во краишта на државата каде тие се потешко достапни и тоа услуги за животозагрозувачки состојби односно услуги кои имаат животоспасувачко влијание.

– Најмногу се фокусиравме на превенција на цервикалниот карцином кој е меѓу првите причини за смртност на жените и еден од единствените превентабилни малигни состојби што е предизвикувач на смртност кај жените. Значи во одреден број општини кои беа избирани согласно пристапот на услуги и бројот на жените кои се наоѓаат во тие краишта, за период од два три месеци покривме околу 1.000 жени, меѓутоа тоа што беше многу значајно е партнерската соработка. Прво сето ова го работеше Министерството за здравство, заедно со Македонското лекарско друштво, со Здружението на гинеколози и акушери, Црвениот крст на терен, локалната самоуправа и женските организации кои работат на терен, затоа што не е битно само услугата да дојде туку битно е за неа да има побарувачка и да доаѓаат жените да се прегледуваат – рече Шаља.

Таа потенцира дека се горди поради тоа што услугите не се давале само во периодот на ковид-19, туку развиле модел кој може да се применува и понатаму и вон ковид-услови, модел кој е одржлив, кој е интегриран во системот, затоа што прегледаните жени се интегрирани во „Мој Термин“.

– За нив се води сметка доколку се пронајде некаква состојба за која треба понатамошно проследување тоа се прави, значи не се тие изолирани од самиот систем и за што многу сме горди што во нашата соработка и средби со Министерството, тоа планира дел од трошоците постепено да ги презема за да може оваа услуга да стане одржлива и да биде помалку зависна од надворешни фондови – истакна Шаља.

Одговарајќи на новинарско прашање Шаља рече дека иако одзивот бил голем значи дека услугата треба да се доближи до жените.

– Загрижувачко е тоа што имаше жени кои пет, десет до 15 години воопшто не биле на гинеколог. Значи се треба да се направи според принципите на човекови права, услугата да биде достапна, пристапна, да биде прифатлива за тие што ја користат и да биде квалитетна. Услугите на терен ќе продолжат да се нудат. Покрај завршувањето ан овој проект УНФПА ќе обезбеди средства да продолжат да работат мобилните амбуланти на терен и евентуално и да го прошират типот на услуги. Интензивно работевме на превенција од карцином на грлото на матката, но тие може да се прошират и повеќе. Најбитно е тие да се поврзани со системот, затоа што што и да најде лекарот на терен кај пациентката, ако има потреба понатаму да се последи многу е битно да е да има поврзаност со системот – додаде Шаља.