Фото: Фејсбук/Беким Сали

Девојче успешно е излекувано од леукемија на Универзитетската клиника за детски болести, информира министерот за здравство Беким Сали кој денеска ја посети Клиниката со цел да види, како што рече, до каде се стигнати градежните работи во Одделот за онкологија.

Девојчето Ајшe со звуците на празничното ѕвоно, по 9 месеци третман против леукемија, ја доби битката, напиша Сали.

-Под емоциите кои ни ги подари овој настан, денеска бевме таму да ја поддржиме и да и честитаме на овој успех, истовремено порачувајќи дека ниту една болест не е помоќна од челичната волја за живот. На Ајше, преку симболичен подарок и посакавме добро здравје и безгрижни детски игри, со желба што почесто да има вакви ѕвона и вакви денови на Детската клиника – напиша министерот на „Фејсбук“.
И директорката на клиниката, д-р Аспазија Софијанова, рече дека девојчето успешно завршило со лекувањето без никакви последици.
-Ни беше драго што можеше да го чукне ѕвончето – рече таа.
Ѕвонењето на ѕвончето на одделот за онкологија на клиниката значи дека е крај на лекувањето, боцкањето, болките, неизвесноста и децата конечно си одат дома здрави.