Фото: Приватна архива

Децата растени со ќотек и груби критики не престануваат да ги сакаат родителите. Но, престануваат да се сакаат себеси, велат психолозите

Вол, говедо, лузер, глупав си, несмасен си, мрзлив си и трапав, грд си, неспособен си, не вредиш, за ништо не те бидува, заслужуваш само најлошо… Не само употребата на ваков речник за комуникација со децата, туку и ќотекот се дел од воспитните методи на многу родители. Во пандемијата, пак, која трае веќе две години, ризикот од насилство е зголемен.

Иако во нашето општество честопати „метафорички” може да се слушне дека ќотекот е излезен од рајот, мора да се потенцира дека агресијата произведува и продуцира агресија, а несомненo секоја агресија и насилство оставаат психолошки лузни кои се невидливи со голо око, а сепак присутни, особено кај децата и ги следат целиот нивни живот, вели психологот м-р Адмир Косоврасти.

Страдаат во тишина

Тој алармира дека насилството, запоставеноста и злоупотребата на децата особено во најраните години, може да остават трајни последици врз развојот на нивниот мозок и дека тоа може да резултира со тешкотии во учењето и ограничени социјални вештини.

– Злоставените деца имаат многу повеќе шанси да покажат ризично или деликвентно однесување, или да страдаат од депресија или анксиозност кога ќе бидат возрасни – вели Косоврасти, додавајќи дека слични физички и когнитивни лузни добиваат и децата лишени од семејна средина, односно децата без родители, без љубов, внимание и поддршка.

Не треба да се заборави дека повеќето случаи на семејно насилство не се пријавуваат, што значи дека размерите на семејното насилство се многу поголеми од насловите во медиумите. Скриени од јавноста, зад завесите и под тепих, има многу деца кои страдаат во тишина.

Според психологот Косоврасти на секое дете му треба безгрижно детство, целосно ослободено од насилство, експлоатација и злоупотреба.

– Да се биде сведок на насилство е штетно за детскиот развој, дури и тогаш кога насилството не е насочено кон детето. Насилството раѓа друго насилство. Децата се речиси секогаш свесни за постоењето на домашно насилство. Во 40-80 отсто од случаите на насилство помеѓу интимните партнери, децата или го гледаат или го слушаат чинот на насилство и самите стануваат негови жртви – појаснува психологот.

Фото (Пиксабеј)

Немир, нарушено и агресивно поведение, регресија на развојот, тешкотии во учењето, депресија или анксиозност…

Косоврасти смета дека возрасните, вообичаено, го потценуваат обемот на насилството чиј сведок се нивните деца.

– Клиничката слика на дете кое е жртва на семејно насилство е специфична. Нотирано е дека таквите деца страдаат од нарушувања на сонот, ноќни мори, проблем со меморијата и концентрацијата, хипервигилност и повторувани епизоди на повторно доживување на травматичните настани. Во меѓувреме, детските емоции постепено стануваат затапени – додава тој.

Според досегашните искуства на психолозите, долготрајната изложеност на децата на насилство може да се манифестира со: немир, нарушено и агресивно поведение, регресија на развојот, тешкотии во учењето, депресија или анксиозност, повлекување од социјалните контакти и слично.

Повеќе форми на насилство

Насилството врз децата може да се манифестира во различни форми: физичко, психичко и сексуално, а утврдувањето на причинско-последичната врска помеѓу насилството и неговите последици понекогаш може дополнително да се комплицира со други фактори.

– Изложеноста на насилство во детството остава повеќекратни последици врз детето. Физичкото насилство предизвикува не само физичка, туку и психолошка штета. Слично на тоа, последиците од психичкото вознемирување понекогаш може да имаат физички манифестации. Истражувањата покажуваат и дека децата изложени на еден вид насилство имаат големи шанси да доживеат други форми на злоупотреба. Овој феномен се нарекува „поли-виктимизација“ – појаснува Косоврасти, додавајќи дека негативните последици од насилството се акумулираат, што значи дека поливиктимизацијата води до најнегативни исходи.

Фото (Пиксабеј)

Работа со децата

– Изложеноста на домашно насилство речиси секогаш значи кризна ситуација во семејството. Пристапот треба да ги следи принципите на менаџмент со кризи, односно ако децата се присутни на средбата, тие не треба да се игнорираат, туку да се вклучат во дискусија – препорачува психологот.

Според него, ситуацијата прво треба да се продискутира со возрасните, пред децата да се вклучат во разговорот, и дискусијата треба да се однесува само на актуелниот настан. Децата треба да се информираат дека лицето кое го води интервјуто го слушнало објаснувањето на возрасните што се случило дома.

– На децата треба да им се даде прилика да кажат што виделе, слушнале или почувствувале за време на инцидентот. Ито така, на децата треба да им се каже дека семејството ќе добие помош, па разговорот околу инцидентот би требало да ги расветли настаните за детето – смета Косоврасти.

Тој додава дека следењето на детето треба да биде одговорност на клиниките кои имаат специфичен план за работа со децата и семејството. Тука се одделот за детска психијатрија и специјалистички одделенија, кои имаат искуства во справување со проблеми, поврзани со насилството.

– Сите сме подеднакво одговорни без разлика од каква перспектива и каква улога имаме во општеството да не дозволиме децата или младинците да имаат душевни лузни. Инвестирајќи во децата и нивната благосостојба, градејќи здрави генерации, ние всушност инвестираме во државата, бидејќи какви ни е младината денес, таква ќе ни биде државата утре – констатира Косоврасти.

И родителството се учи

Во 2018 година УНИЦЕФ спроведе кампања за намалување на родителското насилство врз децата „И родителството се учи“. Истражувањето за релултатите од кампањата покажале дека иако сè уште е поверојатно родителите/старателите насилството да го поврзуваат со ситуации што можат да предизвикаат физичка повреда, отколку со оние што можат да предизвикаат емоционални последици – генерално, се забележува повисоко ниво на свесност за сите различни форми на насилство, вклучително и емоционално злоставување. Вреди да се напомене и зголемената свесност дека заканување на детето дека ќе биде оставено (77% во 2019 – 58% во 2016) и навредување со нарекување дете „глупаво, мрзливо или слично“ (59% во 2019 – 44% во 2016) можат да предизвикаат емоционални последици (форма на насилство).

Помалку родители/старатели (40% во 2019 – 44% во 2016) сметаат дека физичкото дисциплинирање како и психичкото казнување (26% во 2019 – 37% во 2016) се ефективни начини за поправање на однесувањето на детето. Значително повеќе родители разбираат дека физичкото (34% во 2019 – 24% во 2016) и психичкото казнување (22% во 2019 – 16% во 2016) имаат само краткорочни ефекти.
Зголемено мнозинство родители/старатели (74% во 2019 – 67% во 2016) продолжуваат да го делат потрадиционалниот став дека дете не треба да му одвраќа на возрасен и дека децата биле подисциплинирани кога тие биле деца (70% во 2019 – 64% во 2016). Сепак, повеќе родители/старатели (64% во 2019 – 57% во 2016) не се согласуваат дека методите на лесно физичко казнување како удирање и плескање се ефективни за дисциплинирање дете.

Mнозинство (70% во 2019 годна) од родителите/старателите се согласуваат дека родителот има право да го дисциплинира своето дете на начин за кој верува дека е правилен и поголем дел (57% во 2019) се согласуваат дека никој нема право да му каже на родителот како да го воспитува своето дете.