Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зголемувањето на бројот на нови случаи на ковид-19 и ширењето на сојот омикрон предизвика загриженост меѓу дел од родителите кои бараат онлајн настава во второто полугодие од учебната година, со што мислењата за ова прашање се поделени, судејќи според коментарите на социјалните мрежи. Некои сметаат дека децата треба да одат на училиште, дури и без да носат заштитни маски, а противниците на ваквата можност порачуваат дека повторното воведување на настава на далечина ќе се одрази негативно врз образовниот процес.

– Син ми е второ одделение. Ми раскажува дека и наставничките и друг персонал ги вадат маските во училиште и има и такви кои шетаат без маски. И покрај тоа сметам дека наставата треба да е со физичко присуство. Прво, ние мора да се научиме да живееме со вирусот. Второ, имавме искуство со онлајн-настава и можам да кажам дека е далеку од она што им е потребно на децата. Сѐ повеќе од јасно е дека сите ќе мора да го прележиме вирусот, па луѓе мои, едноставно е – вакцинирајте се. Онлајн-настава, ако јас се прашувам, би дозволила само за деца кои имаат ризик по здравјето поради други болести. И конечно, кој ќе ги чува децата ако не одат на училиште. Како ќе одиме на работа – истакна Марија Петковска за „Нова Македонија“.

Одредени родители ги користат како аргумент против онлајн-наставата актуелните превентивни мерки според кои дозволено е присуството во угостителски објекти.

– Децата онлајн, а родителите по кафеани. Ај седете на место – коментира членка на фејсбук-група.

Родители бараат децата во второто полугодие да учат онлајн

Онлајн-наставата претставува проблем за многумина родители и бидејќи нема кој да им ги чува децата дома додека тие се на работа.

– Излегле тројца родители и ќе зборуваат во името на сите. Во цела Европа сѐ се затвори, ама школите работат. Децата треба да си учат и тоа без маски. Родителите што се плашат и сега имаат опција за онлајн-учење – пишува родител.

И други изнесоа слични размислувања.

– Кој има услови, можност, желба, страв, и ако има кој да им ги чува децата, нека си зборуваат и нека им учат децата онлајн, 6-7 часа дневно пред компјутер. Повелете! Настава треба да има, маски на толку мали деца не! Колку само дечиња има со тешки респираторни инфекции поради држење настава со отворени прозорци (протоколот вели: држење настава со отворени прозорци само доколку дозволуваат временските услови) и маски, да знаете само! Ваквата состојба, видовме дека наместо да се смирува, пламнува сѐ повеќе, образованието трпи, не е исто онлајн и настава со физичко присуство… – пишува мајка.

Поддржувачите на онлајн-наставата велат дека ваквата практика во светски рамки веќе одамна претставува понапредна форма на настава, сметајќи дека сега е најпотребна, особено кај нас, со оглед на епидемиолошката состојба.

– Ние родителите кои сме за онлајн-настава и секако носење заштитна маска при настава со физичко присуство, не одиме по кафеани – пишува мајка.

Од друга страна, потешкотии во онлајн-наставата гледаат и одредени родители на студенти.

– Син ми студира онлајн и веќе две години не седнал во клупа да слуша предавања. Сѐ е од дома. Пред некој ден пополнуваа листа кој од нив во моментов се со симптоми. Излезе процент од 45 отсто. Да беа во клупи ќе беше виновна наставата. Сега кој е виновен? – пишува друга.

Движењето „Поддршка за онлајн настава“ произлезено од фејсбук-група која брои 15 илјади членови, вчера апелираше до Комисијата за заразни болести да даде предлог до Владата за онлајн-настава. „Нова Македонија“ побара одговор од Министерството за образование по повод барањата на дел од родителите и ќе го објавиме штом го добиеме. М.Ж.