Фото: ДИЦ

Овој период, матурантите вообичаено во училиштата се подготвуваа за полагањето

Околу 16.000 матуранти се пријавиле за полагање на државната матура, испити кои треба да ги полагаат на почетокот на јуни годинава
Од нив околу 1.600 досега не ја положиле проектната задача, која е дел од испитите на државната матура. Поради штрајкот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), кој е веќе трета недела активен, матуранти и родители се повеќе стравуваат како ќе се реализира целиот процес со полагање и како ќе им се проверува знаењето за наставен материјал кој не е предаден или не е утврден.
На социјалните мрежи се почесто пишуваат за тоа да се укине полагањето годинава или пак да се олесни.

Лука Павиќевиќ, претседателот на Сојузот на средношколци вели дека тимовите на сојузот ќе ги искористат денешниот и утрешниот ден да соберат и предлози и барања како да се адаптира државната матура за сегашната ситуација.

– Откако сето ова ќе го направиме, ќе креираме унифициран документ кој ќе го испратиме до Владата – кусо посочи Павиќевиќ.

Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар вели дека иницијативата да се укине полагањето на матурскиот испит е задоцнета, но воедно таа е и невозможна.

– Ако нема матурски испит ќе ги оштетиме децата кои конкурираат за упис на факултет во странство. Ќе се донесеме во ситуација да се вратиме 10 чекори назад и да полагаат приемни испити за упис на факултетите. Сега, имаме и олеснителни околности во полагањето на испитите со два интерни, два екстерни и проектна задача. Сепак, сметам дека сè уште е рано да се даваат прогнози, зашто има решение за сè. Па дури и за тоа како да се вреднуваат тие прашања што не се изучени од материјалот – објаснува таа.

Да се адаптира или да не се полага државната матура – матурантите најпогодени од штрајкот, ќе бараат решение

Таа очекува наставниците да им излезат во пресрет на матурантите, со цел поуспешно да ги совладаат испитите од матурата.