Д-р Маја Шушулевска/Фото: Принт-скрин

Нарушеното расположение и намалениот интерес за работа и социјални активности кај многумина во периодов се јавуваат, навидум без особена причина, честопати проследени и со вртоглавица, главоболки, нарушувања на сонот и проблеми со помнењето и концентрацијата. Сето тоа се должи на заморот што може да биде резултат на повеќе причини, особено во текот пандемијата што трае повеќе од две години, а која ги смени работните навики и секојдневните активности. Специјалистката за интерна медицина, д-р Маја Шушулевска препорачува правење повеќе паузи во текот на работното време, како и по завршениот работен ден, а ја нагласува и важноста од препорачаните седум до осум часа спиење во текот на ноќта.

– По дефиниција, основата на заморот може да се крие во неколку работи како што се неоткриени медицински состојби, недостаток на одредени нутриенти, проблеми со сонот, хроничен стрес, кои се јавуваат како последица на тешка или долготрајна психичка или физичка активност која се манифестира како намален квалитет на психофизичкото функционирање – смета д-р Шушлевска.

Д-р Шушлевска потенцира дека недостатокот на железо во крвта и недостатокот на витамините Б12 и Д можат да влијаат на квалитетот на животот и состојбата на организмот.

– Анемијата поради недостаток на железо е многу честа причина за замор, но статистичките податоци покажуваат дека возрасните над 60 години имаат недостаток од витамин Б12 поради намалената апсорпција типична за оваа возраст. Витаминот Б12 е клучен дел во метаболизмот и продукција на енергија, па следствено на тоа, неговиот недостаток резултира со изразен замор. Исто така, преку половина од светското население се соочува со недстигна витаминот Д кој всушност врши многукратни хормонски активности во организмот, како регулирање на метаболизмот на калциум, регулирање на имунолошкиот систем и има антиканцероген ефект – смета д-р Шушлевска.

Одредени заболувања како намалената функција на тироидната жлезда, фибромијалгијата, дијабетот, дебелината, седентарниот начин на живеење, работата во смени, прекумерно консумирање на кофеин и алкохол, недоволно хидратирање, одредени лекови и претераната ментална активност, можат да предизвикаат хроничен замор.

– Хроничниот стрес предизвикува структурни и функционални промени во мозокот што се основа на хронична инфламација и таа може да се манифестира со разни психосоматски или функционлани нарушувања. Нашето тело е динамичен систем што функционира според одредени принципи и поради тоа периодите на активност треба да се заменат со период на инактивност во текот на кои организмот ги обновува изворите на енергија, врши репарација на искористените клетки, ги исфрла метаболитите, едноставно кажано, се одмора. Овие процеси се под влијание на вегетативниот нервен систем и ендокриниот систем кои ја модулираат спремноста на телото да спроведува ментални и физички активности со повремени флуктуации кога треба да се забави или одмора – додава интернистката.

Докторката препорачува дека во текот на денот треба да правиме паузи за време на работата на секој час до два, како и по завршениот работен ден, но, и дека треба да одмораме во текот на викендите и неколку пати во годината како би овозможиле правилно да се справиме со стресот.

– Спиењето е неопходен услов за здравјето на мозокот, така што сонот кај возрасните треба да трае најмалку седум-осум часа. Ако спиеме помалку, создаваме услови за развој на разни психосоматски заболувања. Наспаниот човек се чувствува свежо и енергично – додава докторката.

Според искуствата на д-р Шушлевска голем е бројот и на пациенти кои се жалат и дека по заразата со ковид-19, многу брзо забораваат, потешко учат, потешко се концентрираат и многу лесно се заморуваат, дури и без голем физички напор.

– Заморот е составен дел од пост-ковид синдромот за кој карактеристична е изразената инфламација и силната имунолошка стимулација врз организмот. Кај одредни лица заморот во склоп на пост-ковид синдромот трае и повеќе месеци, а кој некои потребно е да се исклучат и одредени патолошки компликации – додава д-р Шушлевска која препорачува да се побара лекарска помош, доколку заморот трае повеќе од еден месец и не се објаснува со одредена состојба или заболување.