Фото: Пекселс

Во врска со тоа што матичните лекари денеска ги примаат само итните случаи и не работат со пациенти закажани преку „Мој Термин“, тој рече дека ги разбира наталожените проблеми, меѓутоа со ултиматиуми и со датуми не се постигнува ништо

Наскоро се очекува да почнат со работа веќе формираните работните групи за подобрување на состојбите во примарното здравство. Ова денеска за МИА го изјави заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, кој рече дека изутрината имале состанок со приватните стоматолози специјалисти и дека уште од нивна страна требало да се доинкорпорираат членови во тимовите за преговорите да одат синхронизирано.

– Има позитивна клима и во Министерството за здравство. Исто така вчера имавме средба и со министерот и со премиерот. Навистина сме расположени како Влада овие проблеми на примарната здравствена заштита да ги решиме долгорочно и убеден сум дека во добар правец ќе одат преговорите – истакна Рендевски.

Тимовите, појасни тој, се доекипираат од страна на стоматолозите, останатите стручни служби ќе бидат инкорпорирани.

– Се надевам за неколку дена до недела дена би требало првите разговори да ги започнеме. Голем дел од барањата навистина се издржани и лесно применливи. Одредени работи кои се во поглед на финансирањето навистина ќе се најде модус како на оние најзагрозени медицински тимови да се помогне некако и финансиски, така што верувам дека навистина ќе има решение и самите колеги ќе се задоволни и квалитетот на здравствена заштита да се подигне, да имаат благодет и самите пациенти – истакна Рендевски.

Кога еднаш е отворен Законот за здравствена заштита, посочи тој, сите решенија да одат заедно.

Потенцира дека во тимовите се и правници, претставници од Фондот за здравствено осигурување, бидејќи, како што рече, секое одредено решение мора да кореспондира и со Законот за здравствена заштита и со регулативната во Фондот.

– Покрај добрата намера што ја имаме, имаме слух за проблемите на колегите. Сепак се тоа подзаконски акти, закони и решенија кои мора да не се косат со правната регулатива. Тимовите ќе почнат да работат. Се слушнав вчера со претседателката на Здружението на приватни лекари, д-р Лилија Чолакова Дервишова. Има таму проблеми кои за жал се останати од 2006 година, некои правилници за одредени партиципации, така што треба многу внимателно и темелно да се пристапи за да работите бидат применливи и одржливи да не бидат месец за месец или краткорочни и да бидат во интерес на колегите и на пациентите – рече Рендевски.

Во врска со тоа што матичните лекари денеска ги примаат само итните случаи и не работат со пациенти закажани преку „Мој Термин“, тој рече дека ги разбира наталожените проблеми, меѓутоа со ултиматиуми и со датуми не се постигнува ништо.

– Самите проблеми знаат од кога датираат тие проблеми. Ние како Кабинет, како Министерство две до три недели сме само тука и навистина со цела енергија, со искрена намера пристапивме кон решавање, така што очекувам дека работите ќе одат во добар правец и апелирам до колегите дека работите ќе бидат решени – додаде Рендевски и најави дека повторно ќе има средба со претставници на Здружението на приватни лекари, коморите, останатите здруженија, Фондот и правен тим од Министерството.