фото: Центар за управување со кризи

Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да не се движат на местото под опасната карпа на Матка, поточно на брегот на десната страна на езерското корито, каде што е зоната на ризик.

Состојбата со опасната карпа на Матка на долг рок е неодржлива – беше денешната генерална констатација во Ценарот за управување со кризи на првиот работен состанок, што беше закажан и одржан под раководство на директорот Стојанче Ангелов со претставници на институции, експерти и научни работници од државата и дел од субјектите на Системот за управување со кризи.

На состанокот беше разгледана состојбата со опасната карпа и од стручните лица беше констатирно дека таа има гранична стабилност и дека е потребно преземање мерки и активности за превенција и намалување на опасноста од карпата. Исто така, идентификувани се две групи на ризици, прво примарна штета – од евентуално паѓање, односно одрон на карпата и секундарна штета – излевање и ударен бран од водата.

На работниот состанок беа донесени заклучоци за обврските што е потребно да се преземат за превенција. Тоа се заклучоци во насока на генерални чекори синхронизирани од повеќе институции во државата, а поттикнати и глобално координирани од ЦУК: прво – проектна програма за дејствување; второ – изработка на техничка документација, проект за санација на проблемот и, на крајот, трето – јавна набавка за избор на изведувач на работите за санација на опасната карпа.

Во насока за превенција ќе бидат донесени мерки од надлежните за ограничувње на движењето во зоната на опасност, што не би го попречило работењето на фирмите во околината и движењето на туристите надвор од зоната на ризик.

ЦУК официјално ќе иницира изготвување на првиот координиран чекор на општествено дејство – изготвување проектна програма на дејствување.

Инаку, покрај тимот на ЦУК, на состанокот присуствуваа претставници од Државениот инспекторат за животна средина, Градежниот факултет, Градежниот институт, Геолошкиот завод, ИЗИИС – Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи и претставник на Комисијата за води и брани при Министерството за животна средина и просторно планирање.