Фото: МИА

Потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности, беше голема грешка, истакна поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски на трибината организирана од страна на Советот на амбасадори на тема „Предизвиците на македонската надворешна политика“.

Според Црвенковски, Договорот не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои, како што нагласи, „до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен“.

Односите со Грција по потпишувањето на Преспанскиот договор, вели, се неспоредливо подобри отколку пред договорот, а сосема спротивно, како што смета тој, односите со Бугарија се неспоредливо полоши по, отколку пред потпишувањето на договорот.

– Тезата која се пласираше во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата ќе се договориме, во самата своја основа е апсурдна. Секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес кој се потпира на одредени историски меѓници, настани и личности. Ако тие меѓници ви бидат одземени и прогласени за туѓи, од националниот идентитет не останува ништо освен празна реторика – потенцира Црвенковски.

Тој се осврна и на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дадена за време на неговата посета на Берлин дека нема да дозволат македонизмот да влезе во ЕУ, нагласувајќи дека ние од македонизмот ниту можеме, ниту смееме да се откажеме.

– Имајќи ги предвид огромните и непомирливи разлики меѓу позициите и „црвените линии“ на двете страни единствено можно решение, според мене, за овој спор е, јас би го нарекол „асиметрично“ толкување на историјата и идентитетските прашања, кои произлегуваат од неа, односно секоја страна да си го задржи правото на сопствено видување и притоа тоа да не претставува никаква пречка во билатералните и мултилатералните односи. Дали и кога, е такво нешто можно јас не знам. Но, она што сигурно го знам е дека треба веднаш да се прекине со праксата присутна во последните 4-5 години на лесно и без основа подигање на очекувањата дека решението е на повидок и само што не се случило. Големи, а нереализирани очекувања водат кон големи разочарувања – рече Црвенковски.

Според него, македонската јавност треба да се подготви, и од страна на власта и од страна на опозицијата, дека блокадата од страна на Бугарија може да потрае во подолг временски период и дека заради тоа нема да ги почнеме преговорите со Европската Унија.

Црвенковски смета дека ветото на Бугарија ќе се повтори и на претстојниот јунски самит на ЕУ.

– Јас отсекогаш верував дека за нас процесот на преговори за придружување на Унијата е исто толку, ако не и поважен од самиот чин на стекнување полноправно членство, затоа што во изминативе 30-тина години независност на Македонија се покажа дека за жал, не постои доволно силно изразена политичка волја да спроведеме која било суштинска реформа ако не постои поттик односно притисок од надвор-рече Црвенковски, додавајќи дека мора да изнајдеме сопствени сили и јасно консензуално изразена политичка волја и решеност промените да ги спроведеме во државата, не затоа што Брисел тоа го бара од нас, туку затоа што тоа ни е потребно.

Црвенковски упати остра критика кон сите институции кои според Уставот на нашата држава се задолжени за креирање и водење на нашата надворешна политика, а се однесува за односот кон нашата дипломатска мрежа.

– Постојано од сите институционални нивоа и од власта и од опозицијата, се повторува дека САД се нашиот најважен стратешки партнер. Се истакнува во чие време бил потпишан Договорот за стратешко партнерство или пак во чие време ќе се води стратешкиот дијалог за продлабочување на партнерството, а се со цел во јавноста да се освојат одредени политички поени. И сега погледнете го следниот апсурд. Македонија во Вашингтон нема свој амбасадор цели 4,5 години. Тоа е апсолутно неодговорно и недозволиво. Но, има и од лошо-полошо. Република Македонија си дозволи во два наврати да предложи кандидати кои од страна на САД не беа прифатени. Ова е прв таков случај во историјата на независна и суверена македонска држава и тоа баш во однос на најмоќната, највлијателната држава во светот, во исто време и наш како што велиме најважен стратешки партнер. Штетата која со вакви неодговорни постапки се нанесува на угледот на Република Македонија е огромна-нагласи Црвенковски на трибината во организација на Советот на Амбасадори.

По воведните обраќања на претседателот на Советот на амбасадори Мухамед Халили и поранешниот претседател на државата Црвенковски, се одржа дебата на која говореа поранешни амбасадори и професори.