фото: МИА/Архива

Членови на Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК) во моментов се собираат пред седиштето на Синдикатот бидејќи се незадоволни од одлуката штрајкот да се стави во мирување.

Ова следува само неколку часа откако претседателот на СОНК, Јаким Неделков, изјави дека Советот на СОНК ја донел одлука за мирување на штрајкот и продолжување на наставата во основните училишта од утре.

Штрајкот во училиштата и градинките во мирување, учениците од утре одат на настава

Одлуката на раководството на Синдикатот дојде откако Министерството за образование и наука (МОН) упати известување до СОНК за мирно решавање на спорот, а повикувајќи се на Законот за мирно решавање на работните спорови, во текот на денешниот ден испрати и барање до Министерството за труд и социјална политика за одредување на помирувач во овој процес.

Неделков потоа на прес-конференција кажа дека Советот на СОНК расправал за известувањето од МОН и се консултирал со правници, па одлучиле штрајкот да го стават во мирување додека трае решавањето на спорот. Доколку не се постигне решение, порача тој, штрајкот повторно ќе се активира.