Фото: Игор Бансколиев

Во периодот од јануари до април значително повеќе мигранти се обиделе илегално да влезат во ЕУ отколку во истиот период минатата година, покажуваат официјалните податоци Агенцијата за заштита на границите Фронтекс.

Регистрирани се вкупно 57.800 вакви случаи, соопшти денеска Агенцијата за заштита на границите Фронтекс.

Тој број е за 69 отсто поголем отколку во првите четири месеци од 2021 година.

– Во оваа статистика не се вбројуваат воените бегалци од Украина кои влегуваат во ЕУ-нагласува Фронтекс.

Речиси половина од сите илегални гранични преминувања (27.172) се забележани на трасата преку Западен Балкан – зголемување за 130 отсто во споредба со истиот период минатата година. Повеќето имигранти дошле од Сирија и Авганистан.

Повеќе гранични преминувања имало и на трасата преку источниот Медитеран – односно преку Турција кон Грција и Кипар. Фронтекс регистрирал 9109 вакви обиди, што претставува зголемување од 86 проценти. Околу половина од овие илегални преминувања биле обиди за влез на Кипар. Повеќето мигранти дошле од Сирија, Нигерија и Конго.