Илустрација/Фото: Официјална страница на Крајбрежната стража на Грција

Братот на исчезнатиот македонскиот турист по кој шести ден се трага на Халкидики, утре треба да пристигне во Грција од САД, пренесуваат грчките медиуми. Предвидено е тој да слета на аеродромот „Македонија“, каде што ќе го пречека првиот човек на волонтерската спасувачка служба ОФКАТ, Христос Рамос, по што заедно ќе се упатат на Халкидики.

Рамос за грчкиот портал „Ворија“ ги пренесе зборовите на братот на исчезнатиот македонски турист, кој нагласил оти ќе направи се што е потребно за да го пронајде Мартин.

– Ми рече дека ќе ги помести небото и земјата за да го најде својот брат, мобилизирајќи сѐ што му треба. Ни рече да бидеме спремни на сѐ и можеби повторно ќе плати авион во потрагата, како што се случи вчера – забележува Рамос.

Братот на Мартин во повеќе наврати преку социјалните мрежи апелираше да продолжи потрагата.

„Ќе направам сѐ, по секоја цена да го најдам мојот брат“ му рекол тој на Рамос, како што пренесуваат грчките медиуми.

Шефот на спасувачката служба ги посочи и тешкотиите низ кој поминува мајката на Мартин, која веќе неколку дена е во Грција.

– Се надеваме дека со доаѓањето на другиот син таа ќе може малку да се смири. Таа е сама во земја во која не го ни зборува јазикот. Дури и некои нејзини роднини кои дојдоа од Северна Македонија, си заминаа, и таа е сосема сама, само со нас – додава тој.

Од Министерството за надворешни работи синоќа соопштија дека „како и досега во потрагата ќе бидат вклучени неколку брода на грчката крајбрежна стража, хеликоптер, како и возило на копно и волонтери од локалното население“. Паралелно, додадоа, дека македонските претставништва остануваат во интензивен контакт со надлежните институции на Грција и семејството на исчезнатиот.

Спасувачката акција и потрагата започнаа во саботата во попладневните часови, кога тројца македонски државјани влегле во морето на плажата „Мити“ во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време и силните морски струи се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот. Дваесет и петгодишниот Васил беше спасен во саботата по околу два часа поминати во вода, додека следниот ден, по околу 19 часа во морето беше пронајден и 30-годишниот Иван.

Токму Иван апелираше за финансиска помош, откако отвори сметка за донации за поддршка на потрагата по последниот исчезнат Македонец на Халкидики.