Фото: Маја Јаневска-Илиева

Христовото раѓање или Божиќ е еден од само трите празници, во кои православната црква го одбележува раѓањето. Заедно со раѓањето на спасителот Исус, црквата како празник го востановила и раѓањето на неговата мајка Богородица, како и денот на раѓањето на свети Јован Крстител

Православните верници денеска го слават Божиќ, еден од трите најголеми празници, кога, според христијанското верување е роден Синот божји, Исус Христос.

Божиќ е семеен празник и се одбележува во домовите и црквите.
Луѓето на Божиќ се поздравуваат со „Христос се роди – Навистина се роди“.

Според стариот јулијански календар се раководат
Македонската православна црква-Охридска архиепископија, заедно со најголемиот број православни верници во светот, како тие на Ерусалимската патријаршија, Српската, Руската, Грузиската црква и на Света гора го одбележува Христовото раѓање според јулијанскиот календар.

Централната прослава за Божиќ, пак, традиционално ќе биде во Соборниот храм. Со утринската Божиќна литургија ќе чиноначалствува архиепископот г.г. Стефан. Празнични литургии ќе се одржуваат и во сите храмови низ земјата.

Рождеството Христово или Божиќ меѓу народот е познат како најрадосниот празник, а воедно тоа е празник од кој следат сите други господови празници, како Богојавлението, Преображението, Страдањата, Крстотвден, Воскресението и Вознесението.

Теологот Ратомир Гроздановски, професорот на Богословскиот факултет на својата веб-страница ги открива причините зошто црквата го празнува Божиќ.

– На Божиќ се сеќаваме на Христовото раѓање. Го славиме Господа Исуса Христа. Го славиме неговиот роденден. Бог станал човек. Бог дошол на земјава. Христос е син божји, кој е роден како човек од Дева Марија. тој е во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот, нема грев, безгрешен е. Тој се родил една ноќ во градот Витлеем, во пештера. Тој е спасител. Дошол за да нѐ спаси. Дошол за да можеме ние да бидеме како него во своите животи. Да бидеме добри, како што е добар Бог. Добри секогаш, со секого и секаде – објаснува Гроздановски.

Познато е дека овој празник започнал да се слави во четвртиот век и тоа на 25 декември/7 јануари, но всушност самиот ден и месец на раѓањето Христово не се познати.
Христовото раѓање или Божиќ е еден од само трите празници, во кои православната црква го одбележува раѓањето. Заедно со раѓањето на спасителот Исус, црквата како празник го востановила и раѓањето на неговата мајка Богородица, како и денот на раѓањето на свети Јован Крстител. За сите други светители, православната црква го слави нивното упокојување.
Токму тоа, според теолозите, е и суштината која православните верниците треба да знаат кога, секоја година на 7 јануари го прославуваат еден од најголемите празници во христијанството, Раѓањето на Господ Исус Христос.