фото: МВР

Безбедноста во Европа, соработката меѓу земјите во европскиот регион, зајакнување на одговорот за финансиски криминал и корупција, борбата со шверцот со фармацевтски производи како и предизвиците поврзани со ситуацијата во Украина, се дел од темите за кои денеска се дискутирало на 49. Европска регионална конференција на Интерпол на која учествува и делегација од МВР предводена од директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека конференцијата на Интерпол, која од 17 до 19 мај се одржува во Лион, Франција, ја отворил претседателот на Интерпол, Ахмед Насер Ал Раиси, а делегациите од педесетина држави ги поздравил и генералниот секретар на Интерпол Јирген Сток.

– Во текот на конференцијата земјите учеснички посебно внимание ќе обрнат на  Стратегијата за европскиот регион 2022-2025 и пристапот за нејзина имплементација, откако ќе се осврнат на евалуацијата на Акцискиот план за изминатата 2021 година – се наведува во соопштението на МВР.

Од Министерството информираат дека новата четиригодишна стратегија ги опфаќа сите Интерпол региони и се очекува да ги даде насоките за мандатот и визијата на Интерпол до 2025 година, заедно со целите што се во план да се реализираат.