Фото: Илустрација / Маја Јаневска-Илиева

Сојузот на средношколци го објави нивниот предлог за измени и дополнување на Законот за средно образование, со што ќе се овозможи праведен јавен превоз за сите средношколци, бидејќи бесплатен превоз според сегашната регулатива не му следува секому.

Целта на Предлог-законот е да се елиминира дискриминацијата врз основа на типот на училиштето, зашто право на бесплатен превоз сега имаат само ученици од државните, а не и од приватните училишта. Средношколскиот сојуз преку овој предлог бара да се укине и критериумот најмалку два и пол километри растојание од домот до училиштето за да се оствари правото на бесплатен превоз.

– Честопати училиштата организираат проектни активности далеку од училиштето. Ученикот може да живее непосредно до училиштето, а би бил спречен да учествува на проектните активности бидејќи нема право на бесплатен превоз поради локацијата на неговото живеалиште – се наведува во образложението на Предлогот.

Исто така, се бара и бесплатен превоз средношколците да имаат во текот на целата календарска година, а не само во деветте месеци од учебната година, бидејќи со ограничувањата во постојниот закон намалена е нивната мобилност и други активности за време на распустот.

– Средношколците се образуваат и за време на распустите. Тие посетуваат курсеви, одат на пракса, организираат проекти, волонтираат во Црвениот крст или граѓански организации, посетуваат културни установи… Средношколците би добиле бесплатен превоз до домашните туристички места и атракции со што ќе се зголеми и развие економијата на овие места – се додава во предлогот, во кој е наведено дека лани во мај на изборите за претседател на Сојузот на средношколци победила изборната програма чијашто трета точка предвидуваше средношколците да бараат целосно бесплатен градски и меѓуградски превоз.