Актуелните настани, енергетската криза и нивното влијание врз економиите на Македонија и Бугарија, како и можностите за меѓусебната соработка беа теми на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов.

Како што информира Министерството за финансии, Бесими на средбата истакнал дека земјава одблиску ги следи промените што се случуваат во светските економски текови кои, како што оценил, се дестабилизирани од новонастанатата состојба и оти како и досега делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финасиската состојба на граѓаните.

– Двете држави преземаат повеќе активности за унапредување на економската соработка. На конкретни активности се работи и преку работните групи формирани од почетокот на оваа година по одржаната прва заедничка седница на владите на РС Македонија и Р Бугарија, кои разработуваат идеи кои беа изнесени на одржаниот прв состанок на Работната група за економија, трговија и иновации – се вели во соопштението од МФ.

Амбасадорот Ангелов упатил на значењето на одржаниот прв состанок на Работната група за економија, трговија и иновации одржан во Скопје со кој претседаваа министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за иновации Даниел Лорер и дека се работи конкретно на договорените активности.

На средбата било истакнато дека двете земји имаат заедничко спроведување на зелена агенда и размена на искуства и препораки во оваа област. Бугарија е нето производител на електрична енергија и од тој аспект на средбата беше разговарано за обезбедување полесен пристап кон електрична енергија, за што би се формирала заедничка единица за реализација на оваа активност.

Од МФ велат дека се работи на повеќе проекти за инфраструктурно поврзување помеѓу двете земји. Железничката пруга кон границата со Бугарија, каде се очекуваат активности за изградба на втората делница Бељаковце-Крива Паланка, а за третата делница Крива Паланка – граница со Бугарија веќе се затвора финансиската конструкција и планирано е да заврши градбата до 2029 година. Со заем од Светска банка се работи на проект за надградба и развој на патиштата Ранковце-Крива Паланка и со средства од ЕБОР и инвестициски грант од ВБИФ на патната делница Крива Паланка-Деве Баир.