Бадник значи будност. Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор Б’дник, Будник, што значи: Бдеење, Будност, неспиење во ноќта спроти Божиќ. Будни заради очекувањето на денот на Христовото раѓање

Со посна трпеза на која главно место има лепчето со паричка, православните христијани денеска го празнуваат Бадник и се подготвуваат да го пречекаат Христовото раѓање-Божиќ.

Според обичајот на Бадник не се оди на гости. Целото семејство треба да се собере на маса, а пред вечерата се крши погачата. Верувањето говори дека на оној што ќе му се падне паричката, ќе има среќа, успех и бериќет во текот на целата година.

Ратомир Гроздановски, професорот на Богословскиот факултет во Скопје, на својата веб-страница ги открива причините зошто црквата го празнува Бадник пред Божиќ.

Фото: Веб-страна Ратомир Грозданоски

– Бадник е денот пред Божиќ, најава на празникот Божиќ, очекување на Христовото раѓање. Затоа на Бадник семејството е црква. Секоја куќа е црква. Во секој дом се пали свеќа, темјан и кандило. Во сите домови се принесува молитва од домашната црква. Молитва заедно со принос – благодарност на трпезата. Радост со најблиските, љубов крај своите. И сето тоа со пости, за душа да се гости – посочува теологот Грозданоски.

Посочува дека на Бадник завршуваат Божиќните пости.
– Тоа е последната посна трпеза пред Божиќ, а полна со разновидна храна и овошје-додава тој.

Какво значење има Бадник

Го објаснува и значењето на Бадник.
– Бадник значи будност. Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор Б’дник, Будник, што значи: Бдеење, Будност, неспиење во ноќта спроти Божиќ. Будни заради очекувањето на денот на Христовото раѓање. Таа будност, тоа бдеење на Бадник, доколку не е молитвена будност, со присуство на сеноќно бдение, тогаш е богоугодна и домашната будност со читање на Библијата – читање за настаните поврзани со Христовото раѓање или будност во домашен разговор за библиските настани. Така е најдобро и така најпријатно се подготвува верникот за пречек на Господа-раскажува Грозданоски.

Се напуштаат паганските обичаи

Фото: Игор Бансколиев

И оваа година останува препораката на МПЦ дека свештениците нема да ги благословуваат масовните гозби со бадникарски огнови, каде е присутно сечењето бадникарски гранчиња, печењето колбаси, пиењето ракија и вино. Со години наназад тие го критикуваат паганското славење на овие празници и велат дека празнувањето се сведува само на литургијата во црквите.
Велат дека Бадник треба да се помине со молитвено бдеење во храмовите.