Прослава пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ по победата на Локалните избори

Анкетата била направена за потребите на ВМРО-ДПМНЕ, теренски во периодот од 2 до 20 декември 2021 година врз 1 023 испитаника

ВМРО-ДПМНЕ е со водство од 9 отсто пред СДСМ, а огромното мнозинство граѓани сметаат дека државата оди во погрешна насока, тврдат од опозициската партијата објавувајќи анкета на агенцијата ИСОС.

На прашањето „Доколку би имало утре предвремени парламентарни избори, и на тие избори би се кандидирале партии, а не коалиции, за која политичка партија би гласале“, според резултати кои ги објави опозицијата најголем број граѓани одговориле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ – 21 отсто.

За СДСМ одговориле дека ќе гласаат 12,5 отсто од испитаниците. Трета е ДУИ со 7,2 отсто, потоа Левица со 4,3 отсто и Алијанса за Албанците со 3,3 отсто.

Останатите партии се со рејтинг под еден отсто: Беса 0,7 отсто; ВМРО-Народна 0,5; Интегра 0,4; ЛДП 0,4; Твоја партија 0,2; Алтернатива 0,3; НДП-РДК 0,2; ГДУ 0,1; Демократски сојуз 0,1; ДОМ 0,1 и за некоја друга партија одговориле 0,3 отсто од испитаниците.

Неодлучни, според анкетата на ИСОС, биле 19,2 отсто, одбиле да одговорат 18,1 отсто, а дека нема да гласаат рекле 11,1 отсто од испитаниците.
Дали државата се движи во правилна насока и кои се најзначајните проблеми

На прашањето „Дали државата се движи во правилна насока“, како што објави ВМРО-ДПМНЕ 60 отсто од испитаниците на анкетата во декември одговориле дека се движи во погрешна насока. Ова е зголемување за 3 отсто со оглед дека на истото прашање во ноември 57 отсто од граѓаните сметале дека државата се движи во погрешна насока.

Дека државата се движи во правилна насока сметале 25 отсто (31 отсто во ноември), а не знаеле или одбиле да одговорат 15 отсто од испитаниците (12 отсто во ноември).

Меѓу резултатите кои ги објави ВМРО-ДПМНЕ се и тие на прашањето „Кои се најзначајните проблеми“ и на прво место се наоѓа економијата/финансиите со 17 отсто. 13 отсто од испитаниците, пак, сметаат дека најзначајни проблеми се високите цени, а малите плати, додека за 10 отсто тоа е невработеноста. Корупцијата и криминалот се најзначајни проблеми за 8 отсто од испитаниците.