Фото: Принтскрин/Јутјуб

Белата куќа објави список со имиња кои претседателот Џо Бајден планира да ги номинира за амбасадорските места на САД во неколку држави, меѓу и за Македонија.

Доколку биде потврден предлогот на Бајден, на местото на актуелната амбасадорка Кејт Мери Брнз, треба да дојде Анџела Прајс Агелер. Станува збор за дипломатка од кариера која последно служеше како заменик-шеф на мисијата во амбасадата на САД во Пакистан.

Одреден период од својата кариера таа веќе поминала во Скопје, каде работеше како службеничка за односи со јавноста во американската амбасада. Во нејзината биографија објавена од Белата куќа пишува дека од странски јазици зборува француски и македонски. Агелер работела како советник за односи со јавноста во амбасадата на САД во Париз, а била и на дипломатски задачи во американските амбасади во Буркина Фасо, Унгарија, Виетнам, како и во конзулатот во Ченај, Индија.

Таа работела и како заменик-помошник државен секретар за печат и јавна дипломатија во Бирото за печат и јавна дипломатија, портпаролка на Бирото за конзуларни прашања при Стејт департментот итн.