Фото: Маја Јаневска-Илиева

Врвот на активноста на вирусот на сезонскиот грип се очекува во февруари, а во моментов, велекарите, најчести пациенти им се хронично болните, децата и повозрасните со алергиски реакции како резултат на зголемената загаденост на воздухот

Зголемен е бројот на граѓаните, кои поради настинка или вирусни заболувања бараат помош од лекар. Ваква е сликата во чекалниците на здравствените установи, а тоа го потврдуваат и докторите. Тие велат дека најчести пациенти им се хронично болните, децата и повозрасните со алергиски реакции како резултат на зголемената загаденост на воздухот во овој период од годината.
Како и во изминатите сезони, докторите посочуваат дека врвот на активноста на вирусот на сезонскиот грип се очекува во февруари, а вакцинацијата во овој период, ноември и декември, ќе обезбеди најголема заштита во периодот кога се очекува активноста на вирусот да биде највисока.
Докторката Лилија Чолакова-Дервишова вели дека овие преодни периоди на температурата во воздухот во текот на годината секогаш се поволна почва за развој на вируси или настинки.

– Повеќето од пациентите што нѐ посетуваат овие денови се поради настинка. Најчесто имаат болно грло или затнат нос, што резултира со покачена телесна температура, малаксаност и болки во главата. Преостанатите пациенти се со хронични болести. Случај на грип сѐ уште немаме забележано. Препорачувам граѓаните да се облекуваат слоевито, да примаат дневна доза витамини и повеќе да се чуваат во овој преоден есенски период – посочува докторката Чолакова-Дервишова.

Од Институтот за јавно здравје велат дека малиот број регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца, одат во прилог на ниска (вонсезонска) активност на вирусот на грип на територија на државата.

– Во периодот од 11. до 17. овој месец се пријавени 44 случаи со заболувања слични на грип, што е за 5 заболени повеќе во споредба со минатата недела. Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ се пристигнати 9 материјали за тестирање грип. Сите тестирани материјали се негативни на присуство на вирусот на инфлуенца – информираат од институтот.

Докторката Весна Стојанова-Атанасовска објаснува дека иако цело време се вртеле некакви вирози, сега нивниот број драстично се зголемил.
– Тоа не е случај само кај децата, туку ги фаќа и возрасните. Ја врти целата фамилија. Започнува со општа слабост, сонливост и чувство на лошење. По ден-два развива клиничка слика, како покачена температура, која варира во период од пет до десет дена, потоа нагон на повраќање, дијареа, црвено грло. Лабораториските анализи покажуваат покачено ЦРП и покачени леукоцити. Препорака за овој период е луѓето да не се мешаат во големи групи – објаснува докторката.

Од Министерството за здравство, пак, информираат дека од вчера почнала бесплатната вакцинација против сезонскиот грип. Оттаму велат дека оваа сезона се набавени вкупно 28 илјади вакцини, кои се бесплатни и наменети за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, деца на возраст од шест месеци до пет години, бремени жени, како и здравствени работници. Центрите за јавно здравје набавиле и 21.000 комерцијални вакцини, кои веќе се достапни за граѓаните од понеделникот. Покрај десетте центри за јавно здравје, во вакцинацијата годинава се вклучени и трите поликлиники: Букурешт, Чаир и Ѓорче Петров при Здравствениот дом во Скопје. Во центрите за јавно здравје вакцинацијата ќе се одвива во две смени, а бесплатната вакцинација во трите поликлиники ќе се одвива во периодот од 14 до 18 часот.
Минатата сезона во државава повеќе од 20 илјади граѓани беа заболени од грип, а 29 починаа од компликации од вирусот.