AСО: Бугарски компании без дозвола нудат осигурителни полиси во земјава

169

Агенцијата за супервизија на осигурување апелира до граѓаните да внимаваат од кои друштва за осигурување купуваат полиси за осигурување, а особено поради фактот што постои можност, доколку полисите ги купат од странски друштва за осигурување кои немаат дозвола од Агенцијата за супервизија на осигурување, во иднина, да не можат да ги остварат своите права од склучените договори за осигурување, за кои уредно од нивна страна е платена премија за осигурување.

Оттаму велат дека врз основа на следење на состојбата на осигурителниот пазар во земјата, посебно во делот на рекламирање и продажба на осигурителни производи, биле детектирани случаи на нудење, рекламирање и склучување на полиси за осигурување издадени од странски друштва за осигурување (особено од Република Бугарија) кои немаат дозвола за вршење работи на осигурување од Агенцијата за супервизија на осигурување.

Агенцијата напоменува дека вршењето работи на осигурување, работи на застапување во осигурување, односно осигурително брокерски работи без дозвола од Агенцијата претставува кривично дело за кое согласно Законот за супервизија на осигурување е предвидена казна затвор од три месеци до пет години.

Како што се додава, правните и физичките лица кои вршат дејност како и граѓаните, согласно Законот за супервизија на осигурување, може да се осигуруваат исклучиво во друштва за осигурување кои имаат дозвола од Агенцијата.

На веб-страницата на Агенцијата (www.aso.mk) граѓаните може да се инфoрмираат за сите субјекти кои се овластени да вршат работи на осигурување, работи на застапување во осигурување односно осигурително брокерски работи на територијата на Македонија.