Фото: Влада

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска потпиша Рамковна спогодба за превод на европското законодавство на македонски јазик со седум економски оператори.

– Едно од клучните обележја на Европската Унија отсекогаш била нејзината повеќејазичност и ние, со денешното потпишување на оваа Рамковна спогодба, со здружени сили ја докажуваме нашата заложба да придонесеме кон успешно објавување на правото на ЕУ на македонски јазик во Службениот весник на Европската Унија – истакна Маричиќ во обраќањето по повод потпишувањето на рамковната спогодба за превод.

Како што соопшти СЕП, тој нагласи дека процесот на преведување на европското право на македонски јазик се одвива без прекин, бидејќи и по отворањето на преговорите со Унијата и отпочнувањето на скрининг процесот земјата паралелно мора да работи на усогласувањето на националното законодавство со правото на ЕУ.

– Успехот на скринингот и неговото времетраење во голема мера зависи од усогласувањето, односно процесот на преземање и примена на acquis – рече Маричиќ, посочувајќи дека овој услов за членство е идентичен за сите земји кандидатки, а произлегува од правниот систем на ЕУ, кој одредува дека сите официјални јазици на земјите-членки се и официјални јазици на Унијата и дека сите јазични верзии на правните акти се оригинални и еквивалентни.

Маричиќ истакна дека добар и квалитетен превод значи правилно транспонирање и имплементирање на законодавството на Европската Унија, а истовремено македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата кога нашата држава ќе стане нејзина полноправна членка.

Изминатата година, од страна на внатрешните ресурси со кои располага Секретаријатот за европски прашања, заедно со ангажираните надворешни лица, беа преведени, јазично ревидирани и лекторирани вкупно 17.322 страници, што претставува показател на една успешна приказна, која мора и треба да продолжи.

Оваа година СЕП склучи Рамковна спогодба со седум економски оператори за превод на европското законодавство, кои вкупно имаат 110 преведувачи и 35 лектори. Согласно оваа Рамковна спогодба ќе се врши превод од англиски и француски јазик на македонски јазик, истите текстови јазично ќе се ревидираат и лекторираат. Понатаму пакетите се испраќаат во СЕП и нашиот сектор- Сектор за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ врши внатрешна контрола на доставените материјали. Оваа година има предвидено вкупно 20.000.000 денари со ДДВ за усогласување хармонизација со европската правна рамка и се очекува превод, јазична ревизија и лектура на над 15.000 авторски страници.

Правото на ЕУ претставува инструмент за успешна интеграција, но неговото усвојување е услов, а не предмет на преговарање со Унијата. Оттука, преводот на правото на ЕУ претставува наша обврска која мора да биде извршена со највисок квалитет и да се одвива континуирано. Македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата кога нашата држава ќе стане нејзина полноправна членка. Преводот на правните акти на ЕУ мора да соодветствува со стандардите на македонскиот јазик, а сепак да го одразува духот на евро-жаргонот, со што ќе се обезбеди збогатување, но и заштита на самиот јазик, а тоа бара интензивна работа, особено во годините што доаѓаат.