Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, и градоначалникот на општина Чашка, Горан Стојановски, беа на увид во градежните работи за изградба на локален пат за поврзување на село Бусилици со регионалниот пат Велес-Прилеп.

Од МЗШВ соопштија дека со пари од Програмата за рурален развој првпат граѓаните од општина Чашка добиваат асфалтирани улици.

Општина Чашка има конкурирано со два проекта. Едниот проект е за изградба на локален пат за поврзување на село Бусилици со регионалниот пат Велес-Прилеп, за што ќе добијат финансиска поддршка од 18,5 милиони денари.

Вториот проект е за асфалтирање на пет краци улица Кочо Рацин во населба Чашка со вкупна должина од 895 метри и одведување на собирните атмосферски води до постоечките реципиенти, за што општината ќе добие финансиска поддршка од над 12,4 милиони денари.