Годинешната матурска парада ќе се одржи на 18 мај, точно напладне, во Скопје на плоштадот Македонија, посочи Елизабета Кузмановска од Дирекцијата за култура и уметност. 

Таа наведе дека покрај во Скопје, матурската парада ќе се одржи и во Струга, Охрид, Струмица, Гевгелија и Куманово.

– Оваа година покрај Македонија во проектот ќе учествуваат матуранти од 62 градови во Босна и Херцеговина, Бугарија, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Хрватска и Црна Гора, изјави Никола Глигоров од Дирекцијата за култура и уметност.

Тој нагласи дека оваа година се очекува на настанот да учествуваат над 30 илјади матуранти. 

Тој изјави дека организатор и носител на заштитната маска на Република Македонија е Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, која манифестацијата ја организира во соработка со Танцовиот спортски клуб Ритам плус. 

Даниела Адамова раководител на Секторот за образование на Град Скопје посочи дека настанот почнал да се одбележува како празник кога се слави матурирањето, односно празникот на младоста. 

Таа најави дека покрај овој настан наскоро ќе се одржи и „средбата меѓу првиот и најдобрите“, каде градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов,  ќе оствари средби со најдобрите ученици и ќе им додели признанија. 

– Во името на Град Скопје им го честитам матурирањето на генерацијата 2017/2018.

Тодор Миладинов од Ритам плус посочи дека танцовиот клуб ги обучувал матурантите за време на часовите по физичко во нивните средни училишта. 

– Очекуваме околу 1.100 матуранти да учествуваат на матурската парада- истакаа Миладинов. 

Од Дирекцијата наведоа дека ќе се каже „клетвата за ненасилство“ од страна на учесниците во сите градови во земјите во кои се одржува матурската парада. 

– На тој начин не само што во исто време, на иста  музика, во различни градови, младите танцуваат, туку тие, генерациите кои ќе го градат светот во иднина, во исто време од различни делови на Европа ја испраќаат пораката за ненасилство и толеранција- соопштија од Дирекцијата.